Hakan Çopur
25 Април 2021•Ажурирај: 26 Април 2021
ЛОС АНЏЕЛЕС
Во Лос Анџелес, во Соединетите Американски Држави (САД) отворена е „изложбата на дипломатите шехиди“ во знак на сеќавање на турските дипломати убиени од страна на ерменската терористичка организација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Организатор на изложбата е Директоратот за комуникации, а отворена е во Лос Анџелес, градот во кој ерменските терористички организации, меѓу кои се АСАЛА (ASALA) и ЈЦАГ (JCAG), ги изведоа првите напади врз турските дипломати.
Изложбата што е посветена на турските дипломати помеѓу 1973 и 1984 година, кои и покрај заканите и нападите на ерменските терористички организации, не се откажаа од своите мисии и борбата на патот на правдата, предизвика голем интерес.
За значењето на изложбата, која ја посетија бројни гости и претставници на неколку земји, меѓу кои се и Азербејџан, Пакистан и Сирија, говореше и генералниот конзул на Република Турција во Лос Анџелес, Џан Огуз.
Огуз потсети дека бранот на ерменскиот терор што почна во 1973 година во Лос Анџелес, продолжил и во наредните години, а убиени се повеќе од 30 дипломати и членови на нивните семејства.
„Никогаш не ги забораваме, но во ваквите денови посебно се присетуваме“, рече Огуз и додаде дека оние што говорат само за ерменските страдања, треба да ги слушнат приказните на турските дипломати што загинаа како шехиди.
Додаде дека немале гнев ниту омраза поради убивањето на своите граѓани во тешкиот период од Првата светска војна, но и дека не ги заборавиле.
Истакна и дека е неприфатливо трети страни да ги искористуваат страдањата низ историјата во политички цели и дека ваквите одлуки ќе бидат причина за проблемите во денешницата и во иднина.
Генералниот конзул на Азербејџан во Лос Анџелес, Несими Агајев, рече дека секогаш биле рамо до рамо со Турција и дека заедно се бореле против злосторствата на ерменските терористички организации.
Планирано е изложбата што на 24 април е отворена и во Истанбул, во наредните недели да биде отворена и во Вашингтон и Њујорк, во САД.
Изложбата детално говори и за системските терористички напади и атентати на турските дипломати низ светот.
Претставени се и аудиовизуелни материјали што сведочат за стравотните напади што ги изведоа ерменските терористи.
Покрај тоа, претставени се и историските факти за настаните од 1915 година, со напорите на Турција вистината да излезе на виделина.
Отворањето на изложбата го коментираше и шефот на Директоратот за комуникации на Претседателството на Република Турција, Фахретин Алтун, кој рече дека ги осудуваат ерменските терористички организации.
Атентатот на генералниот конзул на Република Турција во Лос Анџелес, Мехмет Бајдар, и на конзулот Бахадир Демир во 1973 година, што ги изведе Американец со ерменско потекло, беше почеток на терористичките напади врз турските дипломати.
Во нападите што ги изведоа припадниците на ерменските терористички организации, меѓу кои се АСАЛА и ЈЦАГ, од 1970-тите години убиени се најмалку 77 лица, од кои 58 се турски државјани. Меѓу нив се 31 турски дипломат и членовите на нивните семејства. Многумина се ранети.