Sorwar Alam
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Во период кога во Турција се одржуваат низа настани за одбележување на првата годишнина од обидот за државен удар на 15. јули 2016 година, „TRT World“, првиот канал за вести на англиски јазик во земјата, објави ексклузивна книга за обидот за државен удар.
Книгата „History and Memory: TRT World in the Face of July 15 Coup“ („Историја и сеќавање: Преглед на 'TRT World' за обидот за државен удар на 15. јули“) – зборува за заднината на обидот за државен удар, неговата природа, како и за водечките актери. Исто така, ги опишува и искуствата на вработените на „TRT World“ од ноќта на 15. јули и следното утро.
Двесте и педесет луѓе загинаа, а над 2.000 лица беа ранети во обидот за државен удар – планиран и организиран од страна на терористичката организација ФЕТО, илегална мрежа предводена од Фетула Ѓулен кој живее во САД.
Книгата на „TRT World“ опишува како десетици илјади обични луѓе излегоа од своите домови за да ги опколат воените гарнизони, да ги блокираат патиштата и да го спречат понатамошното движење на трупите; да ги заштитат полициските станици од војската; да маршираат кон клучните точки (држени, блокирани) од пучистите; да ги совладаат и да ги запленат тенковите и камионите; да ги преплават и да ги преземат аеродромите во Истанбул од единиците распоредени од конспираторите“.
Во книгата исто така станува збор и за личностите кои одиграа клучна улога во поразувањето на обидот за државен удар, вклучувајќи го и претседателот Реџеп Таип Ердоган, чиј повик во текот на ноќта го смени текот на настаните.
Во книгата се истакнуваат и други значајни личности како што е премиерот Бинали Јилдирим, кој прв јавно соопшти дека имало „побуна на фракција во рамките на војската“; началникот на Генералштабот, Хулуси Акар, кој ја одби поканата на конспираторите да се придружи на пучот; Потсекретарот на Националната разузнавачка агенција (МИТ), Хакан Фидан, едно од клучните лица што го спречија обидот за државен удар; Командантот на специјалните сили, Зекаи Аксакали, кој беше во првите редови против конспираторите; и Омер Халисдемир, наредник на ноќна должност во објектот на Специјалните сили, исто така се значајни личности истакнати во книгата.
Во неа исто така се опишува одлучноста и солидарноста покажана во Големото народно собрание на Турција, каде што сите политички партии во парламентот се приклучија на специјалната седница во ноќта на државниот удар, кревајќи го заедно гласот против обидот за државен удар во услови на тешко бомбардирање.
„Ние се спротивставивме не само за нас самите, туку и за нашите деца и за иднината на нашите деца“, се вели во книгата на Ибрахим Ерен, претседател на „TRT World“.
Тој истакна дека државниот удар на 15 јули беше најголем тест со којшто се има соочено „TRT World", бидејќи првиот турски меѓународен медиумски емитувач на англиски јазик беше очигледна цел за конспираторите.
Книгата, исто така, вклучува изјави и сеќавања од персоналот на „TRT World“, кои се соочија со насилство во обидот за државен удар.
Изданието беше подготвено од страна на Истражувачкиот центар на „TRT World“, а во книгата исто така се вели дека движењето на Ѓулен се претворило од движење за верски конгрегации во мрежа гладна за власт.
Во книгата има извонредни фотографии направени од страна на новинарите на АА.