Kemal Karadağ
12 Јули 2017•Ажурирај: 13 Јули 2017
АНКАРА (АА) - Во рамките на борбата против терористичката организација ФЕТО, Турција досега од надлежните власти на 41 држава побара да испорачаат вкупно 118 припадници на таа организација, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористичката организација ФЕТО на 15. јули минатата година изврши обид за воен удар во Турција, по што властите на земјата започнаа интензивна борба против оваа терористичка мрежа предводена од Фетула Ѓулен, кој моментално живее во Пенсилванија, САД.

Министерството за правда на Република Турција и пред минатогодишниот обид за пуч од властите на Бугарија, Романија, Германија, Полска и Холандија побара да испорачаат вкупно шестмина припадници на ФЕТО, и во врска со тоа испрати вкупно седум барања.
По обидот за пуч и интензивираната борба против ФЕТО, значително е зголемен бројот на земјите и бараните припадници на таа организација, па досега Турција бараше да се испорачаат вкупно 118 терористи од 41 држава. До властите на тие земји се доставени вкупно 122 барања со приложена документација и докази против бараните лица.
Најголем број барања за испорака на припадниците на терористичката организација ФЕТО, Турција достави до властите на САД, Германија, Грција, Белгија, Мозамбик и до БиХ.
Турција побара од САД да бидат испорачани вкупно 18 терористи на ФЕТО, меѓу кои и водачот на ФЕТО, Ѓулен, и Емрула Услу, во јавноста познат и како Емре Услу.
Од Германија е побарано да бидат испорачани вкупно 14 припадници на ФЕТО, а меѓу нив и поранешните турски обвинители Зекерија Оз и Џелал Кара.
Од Грција, Турција побара да бидат испорачани осуммина пребегнати пучисти кои со украден хеликоптер на турската војска, по обидот за пуч побегнаа во таа земја и побараа азил.
Турција побара од Белгија да бидат испорачани шестмина терористи на ФЕТО, од Мозамбик петмина, а на властите на БиХ им е испратено барање за испорка на четворица пребегнати припадници на таа терористичка организација.
Властите на Романија ја завршија судската постапка и на Турција ѝ испорачаа двајца припадници на ФЕТО.
На барање на турското Министерство за правда, од 11 земји се депортирани вкупно 14 барани припадници на ФЕТО. Саудиска Арабија во Турција депортираше тројца терористи, ОАЕ двајца, а по еден депортираа Бугарија, Малезија, Мозамбик, Бахреин, Турска Република Северен Кипар, Шри Ланка, Мјанмар, Туркменистан и Азербејџан.
Меѓу депортираните во Турција е и еден од челниците на ФЕТО, Абдула Бујук, познат како каса за пари на ФЕТО, кој по минатогодишниот пуч побегна во Бугарија.
Паралелно со тоа, властите на три земји уапсија четворица пребегнати пучисти и ја спроведуваат постапката на подготовка за нивно испорачување во Турција.
Терористичката организација ФЕТО во седумдесеттите години на минатиот век почна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, во осумдесеттите значително ги зајакна своите паралелни структури во тие институции и на крајот, на 15 јули минатата година изврши неуспешен обид за воен удар, со цел рушење на уставниот поредок и соборување на демократски избраната турска власт.
Според последните податоци, во вкупно 113 земји од светот има вкупно 688 училишта и образовни установи поврзани со терористичката организација ФЕТО.