Kasım İleri
17 Јуни 2022•Ажурирај: 20 Јуни 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на американскиот Стејт департмент, Нед Прајс, истакна дека ги осудува изјавите на претставниците на владејачката партија во Индија кои содржат навреди кон Мухамед, јавува Агенција Анадолија (АА).
Одговарајќи на новинарски прашања на дневната прес-конференција, Прајс за изјавите на претставниците на владејачката партија БЏП (BJP) во Индија кои содржат навреди кон божјиот пратеник Мухамед, рече: „Ги осудуваме навредливите коментари на двајцата функционери на БЏП и со задоволство гледаме дека партијата јавно ги осудува овие изјави. Редовно се среќаваме со Владата на Индија на високо ниво и за прашања поврзани со човековите права, вклучително и слободата на вероисповед, и ја охрабруваме Индија да ги почитува човековите права.“
Прајс потсети дека американскиот државен секретар Ентони Блинкен при посетата на Њу Делхи минатата година, јасно стави до знаење дека човечкото достоинство, почитувањето на луѓето, еднаквите можности и слободата на религијата се основни принципи и основни вредности на демократијата.
Во Индија, портпаролката на владејачката БЏП, Нупур Шарма, раководителот на медиумот „Њу Делхи“, Навен Кумар Џиндал и одговорниот за младинските политики на партијата, Харшит Сривастава, употребија навредливи изрази против исламот и божјиот пратеник Мухамед.
Владејачката партија беше во фокусот на критиките поради тие изјави. Се истакнува дека Нупур Шарма е разрешена од функцијата, а раководителот на медиумот „Њу Делхи“, Навен Кумар Џиндал, е исклучен од партијата со образложение дека користел навредливи изрази против исламот и божјиот пратеник Мухамед.
Сривастава, едно од имињата одговорни за младинските политики на БЏП, беше приведен во индиската држава Утар Прадеш поради неговата објава на Твитер.
- Ги охрабри Турција и Грција да работат заедно -
На констатацијата на дописникот на Агенција Анадолија (АА) дека Грција ги вооружува своите острови неколку милји подалеку од брегот на Туркије и на прашањето каков е неговиот став за ова прашање, дали го поддржува тоа, Прајс рече дека земјите треба да го почитуваат меѓусебниот суверенитет.
„Продолжуваме да ги охрабруваме нашите сојузници во НАТО, Грција и Турција, да работат заедно за да го одржат мирот и безбедноста во регионот и да ги решат нивните разлики по дипломатски пат. Ги повикуваме нашите сојузници да се воздржат од реторика која може дополнително да ги ескалира тензиите. Грција и Турција секако дека се силни партнери. Тие се важни сојузници на НАТО за Соединетите Американски Држави и ние ќе продолжиме да ги охрабруваме двете земји за да се намали тензијата.“