АНКАРА (АА) - Неодамна назначениот генерален секретар на Организацијата за економска соработка Д-8 го истакна значењето на Турција во економскиот блок, нагласувајќи ја нејзината посветеност како пример.
Во интервју за Anadolu Agency (AA), генералниот секретар Дато Кју Џафар Ку Шаари, рече дека организацијата би можела да научи многу од Турција, која, како што истакна, учествува во сите сектори, нудејќи бројни експертизи, програми за обука на земјите-членки на Д-8 во различни области.
Организацијата Д-8 започна со работа на 15 јуни 1997 година, откако тогашниот премиер на Турција, Неџметин Ербакан, предложи формирање економска група составена од осум економии во развој од муслиманскиот свет, вклучувајќи ги Бангладеш, Египет, Индонезија, Иран, Малезија, Нигерија, Пакистан и Турција.
Турција моментно претседава со Д-8, и ќе продолжи со претседавањето во наредните две години.
Шаари го поздрави претседавањето на Турција со организацијата.
„Придонесот на Турција ќе биде од огромна важност во претстојните две години. Важно е да се истакне дека улогата на Турција во Д-8 не може да се ограничи само на тоа ... Таа е една од најголемите придонесувачи во годишниот буџет на Д-8“.
Опишувајќи го неговото назначување за нов генерален секретар на блокот како остварување на сонот, Шаари рече дека организацијата има забележано значителни економски достигнувања од нејзиното формирање, и покрај економските турбуленции во целиот свет.
- Успехот во трговијата -
„Трговската размена меѓу земјите-членки на Д-8 блокот, која изнесуваше околу 14 милијарди долари во 1997 година, астрономски се зголеми на над 100 милијарди долари денес“, рече тој, додавајќи дека трговијата е јасен показател за тоа колку стана успешен и посветен економскиот блок.
„Во 1997, 1998 и 1999 година, внатрешната трговија меѓу земјите од Д-8 блокот изнесуваше 14 милијарди долари (3,4 отсто), 14,3 милијарди долари (3,8 отсто), односно 14,5 милијарди долари (3,7 отсто)... Во 2013 година, таа трговија достигна 133 милијарди долари или 7,4 отсто од вкупната трговија на Д-8 (1,8 билиони долари)“.
Во поглед на економскиот раст, челникот на Д-8 истакна дека во периодот од 1997 до 2014 година, организацијата успеала да обезбеди импресивни 4,2 отсто реален годишен економски раст.
„Во истиот период, другите економии пораснаа за 2 отсто, екномијата во европскиот регион за 1,4 отсто, а глобалниот светски раст на економијата остана на 3,8 отсто“.
Тој го потврди главниот фокус на Д-8 кон економскиот раст и развој, и нагласи дека сите земји-членки на блокот имаат корист од економската соработка и немаат меѓусебни спорови.
- Економскиот блок Д-8 во потрага по нови можности -
Шаари потсети на 9. самит на организацијата која се одржа на 20 октомври 2017 година во Истанбул.
„(Турскиот) претседател Реџеп Таип Ердоган постави амбициозни цели за иднината на нашата организација: креирање на нови партнерства, развивање на средства за трговија со локални валути, воспоставување на т.н Клириншка куќа и проширување ... Ние, се надевам, ќе видиме напредок во сите овие области и многу повеќе од тоа под турското претседателство“, рече тој.
Како нов челник на Д-8, Шаари истакна дека ќе оствари средби со владини претставници и со други претставници во Турција, додавајќи дека ќе ги прифати визијата и насоките на претседателот Ердоган и на другите земји-членки.
Тој го дефинираше планот за постигнување на целта преку покривање на три главни точки: слушање на лидерите на земјите-членки; разгледување на сите нови идеи, иницијативи, стратегии и проекти; како и опфаќање на сите сектори, особено на приватниот сектор.
„За време на мојот мандат планирам да ја зголемам јавната свест и визибилноста на организацијата и нејзините активности, пред сè, во рамките на Д-8 заедницата, а потоа и во пошироки рамки“.
„Исто така, сакам да ја проширам соработката со други економски и регионални групации и мултилатерални институции. Учењето од искуството на другите е исто така важно за мене“, додаде тој.
На крајот, Шаари го повика муслиманскиот свет да остане обединет и истакна дека кон прашањето за исламофобијата мора да пристапува како кон целина, бидејќи, како што нагласи, исламот е религија на мирот.
Тој понатаму напомена дека координираните напори против тероризмот, безбедносните прашања и другите политички прашања се задолжителни за сите земји во светот, муслимански и немуслимански.