свет

Трамп побара Нетанјаху да биде помилуван за обвиненијата за корупција

- Кабинетот на Херцог објави фотографија од писмото потпишано од Трамп, во кое американскиот лидер повикува израелскиот претседател „целосно да го помилува Бенјамин Нетанјаху, кој беше одлучен и силен премиер во време на војна“.

Betül Yılmaz  | 12.11.2025 - Обновена : 12.11.2025
Трамп побара Нетанјаху да биде помилуван за обвиненијата за корупција

ИСТАНБУЛ (АА) – Израелскиот претседател Исак Херцог добил писмо од американскиот претседател Доналд Трамп со барање за помилување на премиерот Бенјамин Нетанјаху, кој се соочува со обвиненија за корупција, јавува Анадолу.

Кабинетот на Херцог објави фотографија од писмото потпишано од Трамп, во кое американскиот лидер повикува израелскиот претседател „целосно да го помилува Бенјамин Нетанјаху, кој беше одлучен и силен премиер во време на војна“.

„Иако целосно го почитувам независното израелско правосудство и неговите процедури, верувам дека овој ‘случај’ против Биби (Бенјамин Нетанјаху), кој долго време се бореше заедно со мене, вклучително и против силниот противник на Израел – Иран, претставува политички и неоправдан прогон“, се вели во писмото на Трамп.

Во одговорот од Кабинетот на Херцог беше наведено дека секој што бара претседателско помилување „мора формално да поднесе барање во согласност со утврдените процедури“.

Од Белата куќа засега нема официјален коментар во врска со изјавата на израелското Претседателство.

Трамп и претходно неколку пати јавно побара од израелскиот претседател да го помилува Нетанјаху, вклучително и за време на неговото обраќање во Кнесетот минатиот месец.

Според израелскиот закон, претседателот има овластување да помилува осудени лица или да им ја намали казната врз основа на информации или мислења од надлежните институции, како што се министерствата за правда или одбрана.

Сепак, законот бара лицето кое бара помилување да признае вина, услов што Нетанјаху одбива да го исполни.

Нетанјаху, чие судење започна на 24 мај 2020 година, е првиот актуелен израелски премиер кој се појавил пред суд како обвинет за кривично дело.

Во јануари тој започна нови рочишта поврзани со случаите познати како 1000, 2000 и 4000, во кои се соочува со обвиненија за корупција – кои сите ги негира.

Покрај тоа, израелскиот премиер се соочува и со обвиненија за воени злосторства и злосторства против човештвото, откако Меѓународниот кривичен суд во ноември 2024 година издаде налози за апсење за него и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради злосторства извршени во Газа, каде што од октомври 2023 година досега се убиени повеќе од 69.000 луѓе, главно жени и деца.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.