свет

Трамп го отфрли барањето на Нетанјаху за продолжување на санкциите кон Сирија

Трамп за време на Саудиско-американскиот инвестициски форум Ријад 2025 изјави дека ќе нареди отстранување на „бруталните и осакатувачки“ американски санкции врз Сирија за да ѝ се даде на земјата „шанса за успех“

Ahmed Asmar  | 14.05.2025 - Обновена : 15.05.2025
Трамп го отфрли барањето на Нетанјаху за продолжување на санкциите кон Сирија

АНКАРА (АА) – Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли барањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за задржување на санкциите врз Сирија, објавија денес израелските медиуми, јавува Анадолу.

Нетанјаху го посети Вашингтон минатиот месец и побара од Трамп да не ги укинува санкциите на Соединетите Американски Држави (САД) врз Сирија, објави порталот „Тајмс оф Израел“, цитирајќи израелски официјален претставник.

Официјалниот претставник тврди дека израелското барање е поради загриженоста за појава на прекугранични напади од Сирија.

Трамп, сепак, вчера за време на Саудиско-американскиот инвестициски форум Ријад 2025 изјави дека ќе нареди отстранување на „бруталните и осакатувачки“ американски санкции врз Сирија за да ѝ се даде на земјата „шанса за успех“.

Американскиот претседател, исто така, го одржа својот прв состанок со сирискиот колега Ахмед ал-Шара во Ријад. На состанокот присуствуваше и саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман, на кој онлајн се приклучи и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Моментно истражуваме нормализирање на односите со новата Влада на Сирија... почнувајќи со мојот состанок со претседателот Ахмад ал-Шара“, рече Трамп за време на самитот на земјите од Персискиот Залив и САД во Ријад.

Нема коментар од Кабинетот на Нетанјаху во врска со изјавите.

Промената на ставот на САД кон Сирија е уште еден пример за тоа како Трамп се спротивставува на политиката на Израел кон арапската земја.

По падот на режимот на Башар ал-Асад во декември, Израел ја прошири својата окупација на сириските Голански Висорамнини со заземање на демилитаризираната тампон-зона, потег со кој го прекрши договорот за недејствување со Сирија од 1974 година.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.