Kasım İleri
26 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот заменик-министер за одбрана, Патрик Шанахан, изјави дека Министерството за одбрана (Пентагон) одобри употреба на 1 милијарда долари од нивниот буџет за изградбата на ѕидот на границата со Мексико, според планот на претседателот Доналд Трамп, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на Пентагон се вели дека Министерството за внатрешна безбедност и Одделението за безбедност на границата и царината ја задолжиле Инженерската команда на копнените сили на САД да ја испланира поддршката од 1 милијарда долари за безбедноста на границата.
Во соопштението се истакнува:
„Овој фонд, Министерството за внатрешна безбедност ќе го користи за изградба на железна ограда во должина од 92 километри и висина од 5,5 метри во деловите Јума и Ел Пасо вдолж границата, во рамките на националната вонредна состојба прогласена на 15 февруари за јужниот дел од границата на САД. Фондот, исто така ќе се користи и за реконструкција и осветлување на патиштата.“
Во буџетот за Пентагон, кој во изминатите недели беше доставен до Конгресот, беа одвоени 9,2 милијарди долари за „фондот за итни состојби“ во кој е вклучен и ѕидот што ќе се изгради на границата со Мексико.
Барањето на Трамп за дел од фондовите на Пентагон да се користат за ѕидот на границата со Мексико, доби голем број реакции од Конгресот.