Diyar Güldoğan
25 Август 2019•Ажурирај: 26 Август 2019
АНКАРА (АА) - Британскиот премиер, Борис Џонсон, и американскиот претседател, Доналд Трамп, денес разговараа за посебниот однос помеѓу нивните две држави, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ова утро се сретнав со POTUS (претседателот на САД) на Самитот на Г7. Разговаравме за специјалниот однос меѓу нашите две земји“, напиша Џонсон на Твитер.
Трамп пак, објави дека имал одличен работен појадок со Џонсон.
По состанокот, Трамп им изјави на новинарите дека откако Велика Британија ќе ја напушти Европската Унија, која Трамп ја опиша како „пречка“, можно е склучување голем договор меѓу Вашингтон и Лондон.
„Ќе склучиме многу голем трговски договор, поголем од кој било договор што сме го имале со Велика Британија досега, и сега нема да ја имаат пречката, нема да го имаат сидрото околу глуждот“, рече тој.
Средбата се одржа на маргините на Самитот на Г7 во францускиот град Бијариц, каде што лидерите на Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД се собраа на разговори околу справувањето со нееднаквоста, економските, еколошките и надворешнополитичките прашања.
На вториот ден од Самитот, францускиот претседател, Емануел Макрон, германската канцеларка, Ангела Меркел, италијанскиот премиер, Џузепе Конте, јапонскиот премиер, Шинзо Абе, канадскиот премиер, Џастин Трудо, Борис Џонсон, Доналд Трамп и Доналд Туск, претседателот на Европскиот совет, присуствуваа на сесијата за меѓународна безбедност и економија.