Hakan Çopur
21 Јуни 2019•Ажурирај: 23 Јуни 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Претседателот на Соединетите Американски Држави (САД), Доналд Трамп, соопшти дека синоќа планирале да извршат напад врз 3 различни места во Иран, но според него, 10 минути пред нападот се откажале од тоа откако добил информации дека би можело да загинат 150 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Трамп преку Твитер го потврди тврдењето дека синоќа донеле одлука за извршување воздушен напад врз Иран, а потоа во последен момент се откажале од таа одлука.
„Во понеделникот го срушија беспилотното летало кое леташе во меѓународниот воздушен простор. Со цел да им возвратиме, ние синоќа целосно бевме подготвени за напад врз три различни места. Прашав: Колку луѓе ќе умрат? Еден генерал ми рече: 150 лица господине. Десет минути пред нападот го запрев тоа, бидејќи не беше пропорционално со соборувањето на беспилотното летало. Не ми се брза (во насока на вршење напад врз Иран)“, истакна Трамп во врска со рушењето на беспилотното летало на САД од страна на Иран.
Трамп рече дека Војската на САД во секој момент е подготвена, и додаде: „Иран никогаш не може да има нуклеарно оружје, ниту против САД, ниту против светот“.
Американскиот весник „Њујорк тајмс“ (NYT), во веста објавена синоќа која се заснова на некои неименувани високи функционери, тврди дека американскиот претседател Трамп во последен момент се откажал да го нападне Иран, и дека оваа одлука ја донел и покрај министерот за надворешни работи, Мајк Помпео, и советникот за национална безбедност во Белата куќа, Џон Болтон.
- Собореното беспилотно летало
Војската на Иранската револуционерна гарда во вчерашните утрински часови соопшти дека беспилотното летало од типот „RQ-4 Global Hawk“ било соборено откако влегло во иранскиот воздушен простор во јужниот дел на земјата.
Американската Централна команда (CENTCOM) го потврди рушењето на леталото, но нагласи дека тоа се случило додека летало во меѓународниот воздушен простор.