Emel Öz Gözellik
20 Март 2019•Ажурирај: 21 Март 2019
КРАЈСТЧРЧ (АА) – Началникот на полицијата на Нов Зеланд, Мајк Буш, истакна дека е можно терористот што отвори оган врз две џамии во Крајстчрч и уби 50 лица да планирал уште еден напад, пренесува Anadolu Agency (AA).
Буш во неговата изјава наведе дека терористот што го изведе нападот бил фатен од страна на безбедносните екипи, со голема веројатност, пред да изврши уште еден напад.
Началникот Мајк Буш нагласи дека не сака да даде повеќе детали поради истрагата која е во тек и додаде дека со фаќањето на терористот спречено е да бидат убиени повеќе лица.
Буш, исто така, изјави дека лица од Федералното биро за истраги (FBI) се дојдени во Нов Зеланд за да помогнат во истрагата.
Полицијата на Нов Зеланд го објави идентитетот на 5-те лица коишто ги загубија животите во терористичкиот напад што се случи во петокот.
Властите посочија дека 5-те лица чиј идентитет е откриен, животите ги загубиле во џамијата „Нур“. Лицата се: 71-годишниот Хати Мухамед Давуд Наби, 63-годишниот Мухсин Мухамед ел Харби, 36-годишниот Џунејт Исмаил, 3-годишниот Муџад Ибрахим сите од Нов Зеланд и 38-годишниот Камил Мохд Кемал Камил Дервиш од Јордан.
Официјални претставници на полицијата објавија дека мртвите тела на 21 од 50 лица, колку што ги загубија животите, се предадени на нивните семејства.
Во терористичкиот напад во Крајстчрч, Нов Зеланд, извршен во две џамии за време на петочната молитва на 15 март, 50 лица ги загубија своите животи.