Тајланд и Камбоџа ги одржаа првите разговори меѓу двете армии во услови на новите судири со десетици жртви
– Тајланд и Камбоџа денес ги одржаа првите разговори меѓу двете армии во тајландската провинција Чантабури, во услови на обновени судири во кои загинаа десетици луѓе од двете страни, објави новинската веб-страница Тај енквајрер
ИСТАНБУЛ (АА) – Тајланд и Камбоџа денес ги одржаа првите разговори меѓу двете армии во тајландската провинција Чантабури, во услови на обновени судири во кои загинаа десетици луѓе од двете страни, објави новинската веб-страница Тај енквајрер, јавува Анадолу.
Средбата е прва од ваков вид откако новиот бран судири започнаа на 8 декември.
Засега нема официјално соопштение од ниту една од страните за содржината на разговорите.
Според државниот радиодифузер Тај ПБС, воените преговори меѓу двете страни ќе продолжат до петок, а средбата денес, според наводите, траела помалку од еден час.
Изборот на местото на средбата претходно бил оспорен од Камбоџа, која наводно предложила разговорите да се одржат во Малезија, но предлогот бил одбиен од Тајланд.
Тајландските власти претходно најавија дека ќе ги подигнат прашањата за копнените мини, историските локалитети, цивилните објекти и заедниците за кои тврдат дека биле користени како воени позиции, наведува истиот извор.
В сабота е планиран состанок на Генералниот граничен комитет, со кој ќе претседаваат министрите за одбрана на двете земји, по завршувањето на разговорите на ниво на секретаријати.
Сепак, Бангкок предупреди дека доколку разговорите не резултираат со договор за клучните технички рамки – како распоредот на трупите и конкретните мерки за обезбедување прекин на огнот – состанокот нема да се одржи, ниту ќе бидат потпишани какви било договори.
- Речиси еден милион раселени поради судирите
Министерството за одбрана на Камбоџа соопшти дека Тајланд денес истрелал две гранати кон областа Појпет, а подоцна уште една граната била истрелана кон провинцијата Бантеј Меанчеј, при што биле повредени двајца цивили, објави весникот „Кмер тајмс“.
Според истиот извор, тајландските сили отвориле оган во близина на храмот Преах Вихеар, по што и камбоџиските сили возвратиле со ракети БМ-21.
Тајланд, пак, вчера соопшти дека неговите сили уништиле две згради во камбоџискиот граничен град Појпет, за кои тврдат дека биле користени за сместување измамници и складирање муниција, јави Тај ПБС.
Тајландските сили додадоа дека судирите продолжуваат на три точки покрај границата кај Са Каео и денес, според веб-страницата Нејшн.
Во меѓувреме, тајландски борбени авиони извршиле бомбардирање врз провинциите Бантеј Меанчеј и Батамбанг, објави „Кмер тајмс“.
Видео објавено од камбоџиска страна прикажува ученици како во паника бегаат во градот Батамбанг.
Одделно, Кралската тајландска армија денес соопшти на социјалната мрежа Фејсбук дека тврдењата од Камбоџа дека Тајланд извршил еколошки злосторства претставуваат „сериозно извртување на фактите“.
Тајландските власти соопштија дека во судирите загинале 23 тајландски војници и еден цивил, додавајќи дека уште 33 цивили го загубиле животот како „колатерална штетa“.
Од друга страна, Министерството за внатрешни работи на Камбоџа соопшти дека загинале 21 камбоџиски цивил, а 83 лица биле повредени.
Според официјалните податоци, од почетокот на судирите речиси еден милион луѓе биле раселени од двете страни на границата.
