Ekipa
08 Јануари 2017•Ажурирај: 08 Јануари 2017
БАНГКОК (АА) - Војската на Тајланд е распоредена долж јужните делови на земјата со цел да им помогне на жителите зафатени со поплавите, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што јавуваат тамошните медиуми, стотици илјади лица ги напуштија своите домови во јужниот дел на Тајланд поради обилните дождови кои предизвикаа поплави и однесоа 19 животи.
„Воените сили вршат големи напори со цел да им помогнат на жителите да се префрлат на повисоки места и да им се достави храна”, изјави за Бангкок пост, портпаролот на тајландската војска, генералот Сансерн Кавкамнерд.
Вооружените сили ги отворија командните центри за поголема координација во помагањето на жителите, додека сите покраински гувернери дале по 560.000 американски долари на воената влада.
Државниот оддел за превенција на катастрофи соопшти дека денес поплавите во Тајланд однеле 19 животи. Воени хеликоптери доставуваат помош на жителите бидејќи многу магистрални патишта се потопени.
Тајланд од 1 јануари го зафатија обилни врнежи од дожд, при што од првиот ден се евакуирани околу 70.000 лица. Затворени се училиштата, оштетени се мостови и улици, а населението е префрлено во прифатни центри.
И соседна Малезија е погодена од големи поплавви поради дождот, кој не го намалува својот интензитет.