AP
23 Мај 2016•Ажурирај: 24 Мај 2016
БАНГКОК (АА) - Најмалку 18 девојчиња на возраст помеѓу 5 и 12 години загинаа во пожар кој се проширил низ дом во училиштето за девојчиња од сиромашни семејства на северниот дел на Тајланд, соопшти денес локалната полиција, пренесува Anadolu Agency (AA).
Од полицијата наведуваат дека пет девојчиња во пожарот се здобиле со повреди, од кои две се во тешка состојба.
Неименуван полициски службеник во областа Чјанг Рај изјави дека две тела се изгорени до таа мера што не можат да се идентификуваат.
Неколку девојчиња преживеаја без повреди, но не се знае нивниот точен број.
На пожарникарите им беа потребни три часа да го изгасат пожарот, како и од вториот спрат од изгорениот дрвен објект да ги извлечат преживеаните и телата на загинатите.
Пожарот избил синоќа доцна додека девојчињатта спиеле во училиштето кое се наоѓа во северната покраина Чјанг Рај. Станува збор за училиште кое го води добротворна христијанска организација, а во кое одат девојчињата од селата од планиниските подрачја.