Gamze Türkoğlu Oğuz
27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
ЧАНДИГАРХ (АА) - Муслиманско семејство во северна Индија било нападнато со стапови и железни прачки во својот дом, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според веста на „Хиндустан тајмс“, во Гуруграм, во провинцијата Харајана, каде што се одржува фестивалот „Холи“, минатата недела едно муслиманско семејство било нападнато и претепано во неговиот дом со стапови и железни прачки од страна на 20-25 лица. При нападот биле повредени 11 лица, меѓу кои има и 2-годишно дете.
Бандата го нападнала муслиманското семејство веднаш по расправијата на еден крикет натпревар и од семејството побарале да заминат за Пакистан.
Соопштено е дека меѓу повредените има и жени.
Локалните безбедносни сили соопштија дека започнала истрага за инцидентот и дека има приведени лица.
Субхаш Бокер, портпарол на полицијата во Гуруграм, во изјавата за АА истакна: „Најпрвин се случила некоја расправија. На почетокот напаѓачите биле неколкумина, а откако расправијата се зголемила повикале повеќе лица. Влегле во домот на муслиманското семејство и ги нападнале.“
Локалните медиуми објавија дека наводно нападот врз семејството бил испланиран од една хинду-група од екстремната десница.