Ekipa
27 Март 2019•Ажурирај: 31 Март 2019
ИДЛИБ (АА) – БУРАК КАРАЏАОГЛУ/ЕШРЕФ МУСА –
Турската фондација „Дијанет“ (ТДВ) во Сирија прегледа повеќе од 40.000 сирачиња, жртви на граѓанската војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Фондацијата „Дијанет“ со програмата што ја започна пред 2 години, децата без родители во Сирија, коишто не можат да одат на лекарски прегледи поради внатрешната граѓанска војна, ги прегледува за време на викендите преку лекарите волонтери од Турција.
Исмаил Јигит, координатор на Турската фондација „Дијанет“ за Сирија, во изјавата за АА рече дека 2 години редовно секој викенд ги прегледуваат и ги лекуваат децата без родители во Сирија.
„Лекарите волонтери од цела Турција прегледале над 40.000 деца сирачиња во Сирија, жртви на граѓанската војна, коишто немале можност да се прегледаат“, рече Јигит.
Тој, исто така, нагласи дека по направените прегледи испорачале бесплатни лекови за децата сирачиња според нивната болест.
„Неделно во просек прегледуваме помеѓу 500-700 сирачиња. Лекарите од Турција во рок од две години прегледаа повеќе од 40.000 и станаа нивна надеж“, истакна Јигит.
- За 1.500 пациенти обезбедуваме редовна помош во лекови -
Јигит, истакнувајќи дека стотици илјади деца во Сирија немаат соодветен здравствен третман, додаде: „Ние како Турска фондација „Дијанет“ стигнавме до кампот каде што живеат над 50.000 присилно раселени цивили. Голем број цивили едвај го чекаат нашето доаѓање. На сирачињата што ги прегледуваме им даваме и разни подароци, со што поттикнуваме насмевка на нивните лица. Според можностите, се интересираме за нивните здравствени проблеми. За 1.500 пациенти, кои се хронично болни, обезбедуваме редовна помош во лекови“.
Д-р Фатих Бакин Теке, кој учествува во здравствените прегледи во Сирија, истакна: „Ние доаѓаме од Турција. Како лекари волонтери преку Турската фондација „Дијанет“ правиме прегледи во камповите и сиропиталиштето. Турската фондација „Дијанет“ има амбулантни коли. Има доктори. На тој начин заедно вршиме прегледи.“