Ekipa
27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелската армија распореди засилување во проблематичната тампон-зона помеѓу Газа и Израел, пред очекуваните палестински демонстрации во сабота, во знак на одбележување на првата годишнина од „Големиот марш за враќање“ во Газа, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на Израелската армија, Авичај Адрае, на социјалната мрежа Твитер објави фотографии на кои се прикажани големите воени кампови - преполни со војници и тенкови - поставени долж тампон-зоната.
Тој, исто така, објави видеоснимка на која е прикажано пристигнувањето на новите трупи во областа.
Според Адрае, дополнителна пешадиска бригада и артилериски баталјон биле испратени во тампон-зоната пред претстојните демонстрации во сабота.
Воените засилувања следуваат по воените ескалации оваа недела во Газа меѓу Израел и палестинските фракции на отпорот.
Палестинскиот министер за јавни работи, Муфид ал Хасајне, изјави дека во израелските воздушни напади извршени во текот на последните 72 часа во Појасот Газа вкупно 500 домови биле оштетени.
Израелските воени авиони ја погодија Газа во понеделникот, откако ракетен оган од крајбрежната енклава на Хамас повреди седум Израелци северно од Тел Авив.
Откако Палестинците започнаа со „Големиот марш за враќање“ на 30 март минатата година, над 250 демонстранти се убиени од Израелската армија.