Jeyhun Aliyev
27 Март 2019•Ажурирај: 28 Март 2019
АНКАРА (АА) - „Ставот на Европската Унија (ЕУ) за статусот на Голанската Висорамнина не е променет, и покрај потегот на Соединетите Американски Држави (САД) за признавање на израелскиот суверенитет над окупираната територија“, истакна високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ставот на Европската Унија во однос на статусот на Голанската Висорамнина останува непроменет“, истакна Могерини во име на ЕУ.
Изјавата на Могерини дојде по контроверзната одлука на американскиот претседател, Доналд Трамп, да го признае израелскиот суверенитет над окупираната Голанска Висорамнина.
„Во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН 242 и 497, Европската Унија не го признава израелскиот суверенитет над окупираната Голанска Висорамнина“, се нагласува во соопштението.
Во понеделникот, Трамп потпиша претседателски декрет со кој официјално ја призна Голанската Висорамнина како израелска територија.
Според Обединетите нации (ОН), правниот статус на Голанската Висорамнина ќе остане непроменет, и покрај потегот на Трамп, и сè уште ќе се смета за окупирана територија според меѓународното право.
Израел ја окупираше Голанската Висорамнина од Сирија за време на Арапско-израелската војна во 1967 година и продолжи со окупирањето на речиси две третини од поширокото подрачје на Голанската Висорамнина како директен резултат на судирот.
Во 1981 година, Израел формално ја анектираше територијата, потег кој едногласно беше отфрлен од страна на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН).