Zehra Nur Düz
08 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Воени авиони на Владата на национално единство, поддржана од ОН, денес извршија напад врз воздухопловната база под контрола на командантот Халифа Хафтар, јави либиската телевизија „Ал Ахрар“, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ал Ватија“, воздухопловна база 130 километри југоисточно од Триполи, е единствената воздухопловна база која Хафтар, кој командува со силите лојални на источната Влада на Либија, ја зазеде во близина на главниот либиски град.
Силите на Хафтар ја користеа воздухопловната база за воздушни напади врз ривалските владини сили во Триполи.
Неговата Либиска национална армија досега се нема огласено во врска со воздушните напади.
Во четвртокот Хафтар започна воена кампања за повторно заземање на Триполи од владините сили, кои ја имаат поддршката на ОН. Еден ден подоцна, тој го соопшти заземањето на поранешниот меѓународен аеродром во Триполи, на периферијата на главниот град.
На прес-конференција, портпаролот на Либиската национална армија, Ахмед ал Мисмари, истакна дека овој потег е дел од операцијата наречена „Надоаѓање на достоинството“, и дека Либиската национална армија нема да сопре сè до крајот на мисијата.
Либија е средиште на превирања уште од 2011 година, кога бунтот поддржан од НАТО доведе до соборување и смрт на дотогашниот претседател на Либија, Муамер Гадафи, кој беше на чело на државата четири децении.
Оттогаш, силните политички поделби во земјата создадоа две ривалски места на моќ: едно во источниот град Ал Бајда, каде што се сконцентрирани силите на Хафтар, а другото во Триполи.