Necva Taştan Sevinç
17 Декември 2024•Ажурирај: 19 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето денес изјави дека Русија го пренесува своето воено присуство од Сирија во Либија, нагласувајќи дека присуството на руски бродови и подморници во Средоземното Море секогаш е „извор на загриженост“, јавува Анадолу.
„Москва ги преместува ресурсите од својата сириска база Тартус во Либија. Ова не е добро. Руските бродови и подморници во Средоземното Море секогаш се загрижувачки. Уште поалармантно е кога се на само два чекора од нас, наместо на илјада километри“, рече Крозето по извештаите дека Москва ги префрла своите воени средства од Сирија во Либија.
Во изјава за италијанскиот весник „Ла Република“, Крозето истакна дека поради неодамнешното засилување на руските напади во Украина, тој не гледа поволни услови за прекин на огнот во оваа војна, која започна во февруари 2022 година.
„Гледам дека Русија има намера да ја зацврсти својата позиција на терен“, истакна тој.
Одговарајќи на тоа дали Италија ќе игра улога во мировната мисија во Украина или на друго место, Крозето рече: „Италијанските трупи отсекогаш биле подготвени за мировни мисии. Ако е потребна мултинационална сила, ние ќе бидеме дел од неа. Исто како и во Либан и Газа, ние сме подготвени и за Украина“.
Тој истакна дека таквата мисија на украинската граница нема да вклучува европски сили бидејќи страните можеби нема да ја прифатат европската мисија, туку таа треба да се состои од сили на ОН.
„Ние би биле среќни да придонесеме доколку биде побарано“, нагласи тој.
- Издвојување за одбрана за НАТО -
Крозето, исто така, се осврна на очекувањата на САД земјите од НАТО да одвојат најмалку 2 отсто од својот БДП за трошоците за одбрана, потсетувајќи дека ова прашање се подига уште од претседателството на Барак Обама и дека новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, најверојатно ќе го нагласи ова уште посилно.
Објаснувајќи дека сите земји на НАТО се насочени кон нивоа на издвојувања за одбраната од 2,5 отсто до 3 отсто, Крозето рече: „Во моментов сме на 1,57 %. Иако не толку колку што се надевав, го зголемивме нашето издвојување. Сепак, мора да достигнеме 2 отсто. Не затоа што НАТО го бара тоа, туку затоа што треба да бидеме подготвени“.
„Новоизбраниот претседател на САД ќе бара да достигнеме најмалку 2,5 отсто до Самитот на НАТО во јули 2025 година“, додаде министерот.
„Загрижен сум дека американскиот претседател може да се закани дека ќе го напушти НАТО, но не сум сигурен дали тоа ќе се случи. Наместо тоа, мислам дека ќе каже нешто вака: 'Секој што нема да се придржува до зголемувањето на издвојувањето е надвор од НАТО'“, додаде тој.