Enes Canlı
18 Мај 2020•Ажурирај: 18 Мај 2020
АНКАРА (АА) - Либиската Армија соопшти дека ја презела контролата врз базата „Ватија“, што беше окупирана од милициите поврзани со Калифа Хафтар, водачот на илегалните вооружени сили на истокот на земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според писменото соопштение на прес-центарот на операцијата „Вулкан на гневот“, што ја води Владата на национално единство, Усаме Џувејли, командантот на операциската единица од запад на либиската Армија, истакна дека ја презеле контролата врз базата „Ватија“, окупирана од милициите на Хафтар.
Во изминатите 48 часа, либиската Армија уништи вкупно 3 руски системи за воздушна одбрана од типот „Панцир“, од кои два беа во базата „Ватија“, обезбедени од Обединетите Арапски Емирати за милицијата на Хафтар.
- Значењето на „Ватија“ за западниот дел на Либија -
Пучистот Хафтар, откако во април 2019 година нареди напад врз главниот град Триполи, интензивно ја користеше воената база „Ватија“.
Либиската Армија со операцијата „Бура на мирот“, што беше започната на 25 март, ја елиминираше предноста на милицијата на Хафтар, што ја здобија со употреба на базата „Ватија“.
Сепак, базата „Ватија“ останува стратешки важна бидејќи станува збор за голема и многу заштитена воена зона во средина на пустината.
Базата „Ватија“ е отворена во 1942 година за време на Втората светска војна, тогаш под името „Укбе бин Нафи“, и се смета за најважната воздухопловна база по аеродромот „Митига“.
„Ватија“ е исто така позната како единствена база во Либија од каде што не се изведуваат цивилни летови.
Владините сили направија подготовки околу базата до 2016 година, со цел да ја вратат „Ватија“, која падна под контрола на милицијата на Хафтар во август 2014 година.
Во април 2019 година, владините сили за кратко време ја вратија контролата, но подоцна повторно ја изгубија.
Милицијата на Хафтар околу 6 години, од август 2014 година, ја користеше базата како „команден центар за западните операции“.
Либиската Армија во операцијата изведена врз „Ватија“ на 3 април уништи 3 паркирани борбени авиони „Su-22“, возила, тешко оружје и објекти што припаѓаат на милицијата на Хафтар.
Воздухопловната база „Ватија“ има систем каде што можат да се складираат доволно материјали за живот за подолг период. Освен тоа, снабдена е со доволно количество гориво, оружје и муниција, во случај на судири.
Со заземањето на базата „Ватија“ либиската Армија покрај тоа што ќе има безбедна база, ќе овозможи аеродромот „Зувара“ на западниот дел од главниот град да биде користен за цивилни летови, како алтернатива на аеродромот „Митига“.
Регионалните експерти кои ја следат ситуацијата во Либија оценуваат дека е од суштинско значење да се одржи контролата врз базата „Ватија“, за да може Владата да ги задржи придобивките што ги постигна во западниот дел на земјата.