Zehra Nur Düz
08 Април 2019•Ажурирај: 09 Април 2019
АНКАРА (АА) - Американскиот државен секретар, Мајк Помпео, повика на итно сопирање на воените операции врз либискиот главен град Триполи, пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштение, Помпео истакна дека Вашингтон е длабоко загрижен за судирите кои се водат во близина на Триполи, нагласувајќи дека нема воено решение за конфликтот во Либија.
Неговата изјава доаѓа неколку дена откако Либиската национална армија (ЛНА) предводена од командантот Халифа Хафтар започна воена кампања за повторно заземање на Триполи од Владата на национално единство поддржана од ОН.
„Јасно ставивме до знаење дека ние се спротивставуваме на воената офанзива на силите на Халифа Хафтар и повикуваме на итно запирање на овие воени операции кон либискиот главен град“, истакнува Помпео.
Тој рече дека сите инволвирани страни имаат одговорност итно да ја смират ситуацијата, додавајќи дека едностраната воена кампања против Триполи ги загрозува цивилите и ги поткопува изгледите за подобра иднина за сите Либијци.
„Политичкото решение е единствениот начин за обединување на земјата и за обезбедување план за безбедност, стабилност и просперитет за сите Либијци“, рече тој.
Либија е средиште на превирања уште од 2011 година, кога бунтот поддржан од НАТО доведе до соборување и смрт на дотогашниот претседател на Либија, Муамер Гадафи, кој беше на чело на државата четири децении.
Оттогаш, силните политички поделби во земјата создадоа две ривалски места на моќ: едно во источниот град Ал Бајда, каде што се сконцентрирани силите на Хафтар, а другото во Триполи.