Ekipa
23 Мај 2019•Ажурирај: 24 Мај 2019
ТУНИС (АА) - Претседателот на Претседателскиот совет на Владата за национално единство на Либија, Фаиз ес Сераџ, истакна дека сѐ уште постои шанса за запирање на крвопролевањето во Либија и можност да се седне на масата за дијалог, јавува Anadolu Agency (AA).
Сераџ на еден состанок во Тунис укажа на операцијата која генералот Халифа Хафтар ја започна за да ја преземе контролата врз Триполи, и рече дека треба да се искористи ова горко искуство и последиците предизвикани од тоа.
Сераџ нагласи дека Хафтар оваа операција ја реализира со цел да ја преземе контролата врз власта.
„Упатувам апел до нашите браќа на истокот да ја избегнат оваа војна. Крвта на сите Либијци е вредна за нас“, додаде Сераџ.
Тој истакна дека во последните напади загинале стотици лица од двете страни.
„Само што се приближивме до решение на мировен начин во кризата во која се наоѓа земјата, овие напади врз Триполи од темел го затресоа политичкиот процес, и земјата ја вовлекоа во вртлогот на насилство и војна“, рече тој.
Според него, сѐ уште постои шанса за запирање на крвопролевањето во Либија и да се седне на масата за дијалог.
Сераџ истакна дека војната во земјата не е меѓу истокот и западот, туку меѓу оние кои сакаат модерна цивилна држава, и оние кои сакаат да ја милитаризираат државата и да се вратат во тоталитарен режим.