Студија: Луѓето бележеле информации пред повеќе од 40.000 години, долго пред појавата на писмото
- Неодамнешната студија на лингвистот Кристијан Бенц од Универзитетот „Сарланд“ и археологот Ева Дуткјевич од Музејот за праисторија и рана историја покажува дека овие низи од знаци не биле случајна декорација
ИСТАНБУЛ (АА) - Луѓето бележеле информации пред повеќе од 40.000 години преку врежување симболи на алатки, фигурини и други предмети, многу пред појавата на најстарите познати системи на писмо, објави „Сајенс дејли“, јавува Анадолу.
Неодамнешната студија на лингвистот Кристијан Бенц од Универзитетот „Сарланд“ и археологот Ева Дуткјевич од Музејот за праисторија и рана историја покажува дека овие низи од знаци не биле случајна декорација.
Според истражувањето, тие покажуваат ниво на сложеност и густина на информации споредлива со праклинестото писмо – најраниот познат систем на писмо што се појавил околу 3.000 година пред нашата ера.
Со помош на компјутерски методи, истражувачкиот тим анализирал повеќе од 3.000 симболи врежани на 260 палеолитски артефакти, со цел да добие увид во тоа како можеби се развивало писмото.
Предметите, кои датираат од пред околу 34.000 до 45.000 години, покажуваат повторувачки шари од линии, точки, засеци и крстови. Многу од нив биле пронајдени во пештери во регионот Швапска Јура во југозападна Германија.
Во пештерата Фогелхерд во долината Лоне, археолозите откриле мала фигурина на мамут изработена од мамутска коска, украсена со редови крстови и точки. Друга значајна скулптура, т.н. „Човек-лав“ од пештерата Холенштајн-Штадел, исто така во долината Лоне, има рамномерно распоредени засеци по едната рака.
Истражувачите утврдиле дека ознаките биле намерно изработени, што укажува дека древните луѓе најверојатно ги користеле за пренесување или бележење информации.
„Нашето истражување ни помага да ги откриеме уникатните статистички својства – или статистичкиот отпечаток – на овие системи на знаци, кои претставуваат рана претходница на писмото“, изјави Кристијан Бенц.
