свет

Судот во Москва ги казни „Телеграм“ и „Гугл“ поради прекршување на руското законодавство

- Таганскиот градски суд во Москва му изрече казна на „Телеграм“ во износ од 7 милиони рубљи (околу 91.300 долари) поради одбивање да отстрани повеќе реклами поврзани со далечинска продажба на алкохол и содржини поврзани со ЛГБТ

Elena Teslova  | 25.02.2026 - Обновена : 25.02.2026
Судот во Москва ги казни „Телеграм“ и „Гугл“ поради прекршување на руското законодавство

МОСКВА (АА) – Судот во Москва денес ги прогласи „Телеграм“ и американската корпорација „Гугл“ за виновни за прекршување на руското законодавство и им изрече парични казни, јавуваат руските медиуми, пренесува Анадолу.

Таганскиот градски суд во Москва му изрече казна на „Телеграм“ во износ од 7 милиони рубљи (околу 91.300 долари) поради одбивање да отстрани повеќе реклами поврзани со далечинска продажба на алкохол и содржини поврзани со ЛГБТ.

Во одделно рочиште, „Гугл“ беше казнет со повеќе од 22 милиони рубљи (околу 287.000 долари) поради дистрибуција на ВПН-услуги и овозможување пристап до веб-страници што се блокирани во Русија, преку платформата „Гугл плеј“.

Новата казна се надоврзува на претходните санкции изречени против „Гугл“.

На 19 февруари, рускиот Врховен суд ја потврди пресудата со која на компанијата ѝ беше наложено да плати 91,5 квинтилиони рубљи (околу 1,2 квинтилиони долари). Според експертски проценки, оваа сума е приближно милион пати поголема од глобалниот бруто-домашен производ.

Правниот спор датира од 2020 година, кога руски медиуми ја тужеа компанијата поради блокирање на нивните профили на „Јутуб“. Судовите во Русија пресудија во корист на медиумите, но „Гугл“ не постапи по одлуката, по што беше воведена прогресивна дневна казна што започна од 100.000 рубљи и се удвојуваше секоја недела.

По почетокот на конфликтот во Украина, „Гугл“ ги суспендираше повеќето свои активности во Русија, а неговата руска филијала во октомври 2023 година поднесе барање за стечај.

Судот на крајот ја ограничи казната на 91,5 квинтилиони рубљи (1,2 квинтилиони долари) од датумот на стечајот.

Пред воведувањето на ова ограничување, теоретската казна достигнала 1,81 дуодецилиони рубљи – бројка со 39 нули.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.