СКОПЈЕ (АА) - Адмир Фазлагиќ - Градоначалникот на градот Сараево од Босна и Херцеговина (БиХ), Абдулах Скака, со својата делегација престојуваше во Скопје, по повод одбележувањето на 13. Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, при што беше потпишана Спогодба за збратимување на градот Скопје и градот Сараево.
Во разговор за Anadolu Agency (AA), сараевскиот градоначалник зборуваше за важноста на збратимувањето со главниот град на Македонија, соработката на овие два града во сферите од заеднички итнерес, можноста за економска, но и културна соработка, при што истакна дека односите на главните градови во земјите од регионот се многу важни за понатамошно унапредување на севкупните односи на земјите.
За потпишувањето на Спогодбата за збратимување на градот Сараево и градот Скопје вели дека е продолжување на една добра практика што градот Сараево ја спроведува, а тоа е позиционирање и здружување на главните градови во регионот во една заедничка целина, а сѐ со цел настап на други пазари.
„Нам многу ни е интересно Скопје со оглед на тоа што ова е првиот главен град од земјите од нашата поранешната заедничка држава, со којшто градот Сараево воспоставува соработка. Од агол на Скопје, ние сме последни со кои тие воспоставуваат соработка. Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и јас сме нови градоначалници, имаме визија како треба да изгледаат главните градови, а нас нѐ врзуваат заедничките мултикултурни, традиционални и историски вредности, нѐ врзуваат многу исти работи кога наназад ќе ја погледнеме историјата“, вели Скака.
Тој потсетува дека Градскиот совет на Сараево ја усвоил иницијативата за збратимување во јули минатата година, како и градот Скопје, а на 14 ноември, во Националната галерија „Даут пашин амам“ во Старата скопска чаршија е потпишана спогодбата за збратимување.
Според него, она што е многу важно е дека оваа иницијатива ја поттикнаа Детскиот парламент во Македонија и Фондацијата „Децата се столбови на светот“ од БиХ, за што нагласи дека е јасен показател оти во иднина овие два града ќе ги темелат односите на младите луѓе и позитивните процеси.
- „Главните градови на државите се генератори на развојот на процесите“
Градоначалникот на Сараево во разговорот истакна дека во последно време, Босна и Херцеговина и Македонија имаат интензивирани односи. Како што наведува, БиХ и Македонија немаат отворени прашања, а премиерите на двете држави имаат блиска соработка, со што се отвораат нови можности, се создаваат нови перспективи и тоа се темели на квалитетни и добри идеи.
„Навистина верувам дека главните градови на државите се генератори на развојот на процесите, а секако и на стабилноста. Исто така мислам и за Скопје. Ако градот Скопје и градот Сараево имаат добри односи, тогаш тоа е добра претпоставка. Полесно е да се разговара на ниво на градови отколку на ниво на држави, бидејќи протокот на информации и идеи оди многу побрзо меѓу градовите затоа што процедурите и сѐ останато е поедноставно отколку на ниво на држави“, смета Скака истакнувајќи дека се многу важни односите на главните градови, особено, како што вели, на главните градови во регионот.
- Поддршка за идејата за авиолинија на релацијата Сараево – Скопје и обратно
Говорејќи за важноста од инфраструктурната поврзаност на Скопје и Сараево, но и на другите градови на земјите од регионот, градоначалникот на Сараево, Скака, вели дека со колегите од градот Скопје разговарале и на оваа тема, која ја смета за важен сегмент во севкупната соработка.
„Во регионот нема полоша патна инфраструктура помеѓу два града како што е тоа помеѓу Скопје и Сараево. Авионски тоа е многу комплицирано и трае многу долго. Воведувањето директна линија Сараево – Скопје и Скопје – Сараево ќе им овозможи побрз проток на луѓе, и со тоа ќе ги приближиме двата града на вистински начин“, истакнува Скака додавајќи дека лично тој ја поддржува идејата за воведување авиолиија меѓу Сараево и Скопје, за што вели дека станало збор и на средбите со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Скака изрази уверување дека оваа идеја многу бргу ќе се реализира.
- Автопатот Сараево – Белград е важен за целиот регион
Осврнувајќи се на важноста на патната инфраструктура и на проектите што во овој сегмент се актуелни, сараевскиот градоначалик се осврна и на проектот за автопатот којшто треба да ги поврзе Сараево и Белград, главните градови на Босна и Херцеговина и на Србија, при што укажа дека овој инфраструктурен проект е од големо значење за целиот регион.
„Тоа е процес што во последно време се води многу интензивно. Иницијатор на таа идеја е и Република Турција. Во овој момент се одбира најдобрата и најоптималната рута за поврзување на овие два града. Но, многу е важно во таа смисла да размислуваме и за луѓето кои доаѓаат и од Македонија и од Санџак, и од останатите региони од опкружувањето“, рече Скака.
- Скопје ќе добие себиљ – подарок од Сараево
Раскажувајќи за впечатоците од посетата на Скопје, говорејќи за архитектурата на главниот град на Македонија, неговата богата култура, Скака откри дека со своите колеги во Скопје разговарале и за конкретна идеја, Скопје да добие реплика на сараевскиот себиљ како подарок од неговиот град.
„Конкретно разговаравме за идејата, во градот Скопје да направиме реплика на сараевскиот себиљ којшто е симбол на градот Сараево и место каде што се среќаваат сите сарајлии, но и туристи во градот. Имаме некои конкретни локации каде тоа би можело да биде и искрено се надевам дека како подарок од градот Сараево, идната година на градот Скопје ќе му подариме еден себиљ којшто засекогаш ќе остави трага на градот Сараево во Скопје“, рече градоначалникот Скака.
Образложувајќи ја важноста на интензивирањето на соработката на релација Сараево – Скопје и обратно, тој информира дека освен Спогодбата за збратимување на Скопје и Сараево, потпишана е и спогодба меѓу Јавното сообраќајно претријатие на Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие на Сараево, во делот на експлоатација на жичарници и размена на искуства во сообраќајот.
Како што вели сараевскиот градоначалник Скака, со колегите од градот Скопје разговарале и за трамвајски сообраќај, и изрази надеж дека еден од проектите на кои во иднина ќе работи управата на Градот Скопје ќе биде и трамвајскиот сообраќај. Исто така, Скака рече дека имало разговори и за воведување гас во Скопје.
- Соработка во областа на културата
Градоначалниот на Сараево, Абдулах Скака, во разговорот за АА информираше дека во рамките на средбите со управата на градот Скопје разговарале и за соработката во полето на културата. Како што рече тој, на колегите од Скопје им понудиле да направат културна манифестација „Денови на Скопје во Сараево“,со што би се направила квалитетна културна промоција на Скопје во Сараево.
Исто така, Скака рече дека добиле покана од колегите во Скопје, културни работници од Сараево да го посетат Скопје и да направат интересни денови на Сараево во Скопје, во што спаѓаат и заедничка изложба во двата града, и на тој начин да се презентира културата.
Во тој контекст, тој посочи дека интересна тема за двата града е размената на туристи, за што рече дека туризмот е една од најбрзорастечките стопански гранки на градот Сараево и изрази уверување дека бројот на туристите кои од Скопје доаѓаат во Сараево ќе се зголеми.
- „Зимските Олимписки игри се симбол на Сараево“
Говорејќи за симболите на главниот град на Босна и Херцеговина, градоначалникот Скака изјави дека Зимските олимписки игри се еден од симболите на Сараево и информираше дека градот Сараево активно се вклучи во процесот на обновата на Олимпискиот музеј.
„Еден од симболите на градот Сараево се и Зимските олимписки игри што се одржаа во 1984 година. Градот Сараево активно се вклучи и води процесот на обнова на Олимпискиот музеј како симбол на градот Сараево. Тој е еден од ретките симболи кој не е обновен по војната во Сараево. Нашата желба е на жителите на градот Сараево за Олимпијадата за млади 2019 година да им подариме обновен Музеј на олимпијадата во градот Сараево, но секако, на тој начин ќе ја подобриме и туристичката понуда на градот Сараево“, изјави Скака во разговорот.
- „Градот Сараево има многу добри односи со турските градови Анкара, Истанбул и Бурса“
Меѓу другото, градоначалникот на Сараево во разговорот за АА се осврна и на соработката со градовите од Турција, при што истакна дека соработката со нив е многу важна за Сараево од економски и од стопански аспект.
„Како град Сараево, имаме многу добри односи со многу градови во Турција, особено со Анкара, Истанбул и со Бурса, и верувам дека таквата соработка ќе продолжи и во иднина и оти таквиот курс ќе го забрзаме во стопанска и економска соработка. Тоа е многу важно за Сараево“, истакна Скака.
news_share_descriptionsubscription_contact
