Hamdi Yıldız
29 Април 2019•Ажурирај: 30 Април 2019
ТРИПОЛИ (АА) - Министерството за надворешни работи на Владата на национално единство на Либија најостро го осуди бомбардирањето на делови на либискиот главен град Триполи трана на авиони на странски држави, јавува Anadolu Agency (AA).
„Најостро го осудуваме бомбардирањето на густо населената Општина Ебу Селим во главниот град Триполи, кое е спроведено на барање на воениот злосторник Калифа Хафтар од страна на воени авиони на странски земји“.
Во соопштението се упатува апел до Советот за безбедност на ОН, до големите држави и меѓународната јавност што е можно побргу да ги запрат нападите, да ги заштитат цивилите и веднаш да започнат истрага со цел да се казнат одговорните.
- „Силите на Хафтар ги окупираа нафтените објекти“ -
Во соопштението се истакнува дека силите приврзани на генерал Хафтар ги окупирале нафтените објекти кои претставуваат основен извор на приходи во Либија, предупредувајќи дека тоа може да предизвика бранување на меѓународниот пазар на нафта.
- Остра осуда за молкот на меѓународната заедница -
Во соопштението во кое остро се осудува молкот на меѓународната зедница пред нападот оценет како „тероризам“, Владата на национално единство на Либија истакна дека е во интензивни контакти со пријателските и братски земји, со цел разјаснување на ставот на меѓународната заедница, запирање на нападите и осигурување на безбедноста на животите и имотите на цивилите.
Преку својот официјален профил на социјалната мрежа Твитер, на оваа тема напиша објава министерот за надворешни работи на Катар, Шејх Мохамед бин Абдурахман ал Tани, велејќи: „Најостро го осудуваме безмилосното и неселективното бомбардирање на цивилните населби во либискиот главен град Триполи“.
Истакнувајќи дека за да се создаде хаос, цел на нападите се цивили, Ал Тани нападите врз институциите и виталните објекти ги оцени како „воено злосторство“, и потенцираше дека во овој случај одговорноста ја сносат и извршителите на нападите и оние кои ги поддржуваат во тоа.
Катарскиот шеф на дипломатијата, Ал Тани, во својата објава додава:
„Продолжувањето на политичката дволичност и двојните аршини го зголемува бремето врз грбот на арапскиот свет и создава плодна околина за развој на тероризмот на тие простори. Некои земји, тврдејќи дека се борат против тероризмот, елементите на оваа борба ги користат против арапскиот народ“.
Вчера, неочекувана посета на Тунис оствари министерот за внатрешни работи на Владата на национално единство на Либија, Фетхи Башага, кој на организираната прес-конференција информираше дека „ракета обезбедена од страна на една од земјите кои интервенираат во внатрешните работи на Либија“ за време на воздушните напади врз Триполи предизвика смрт на 5 лица, а 27 се ранети.
Лидерот на воените сили од источниот дел на Либија, генерал Калифа Хафтар, на 4 април издаде наредба за отпочнување офанзива за заземање на главниот град Триполи, на што силите на Владата на национално единство на Либија одговорија со операцијата „Буркан ел-Гадаб“ (Вулкан на гневот).