Handan Kazancı
19 Септември 2018•Ажурирај: 19 Септември 2018
ТРИПОЛИ (АА) - Мисијата на Обединетите нации во Либија (UNSMIL), ги повика ривалските вооружени фракции да се придржуваат до договорот за прекин на огнот, осудувајќи ги повторните борби во главниот либиски град, јавува Anadolu Agency (AA).
„Мисијата на ОН во Либија го осудува продолжувањето на судирите во Триполи и ги повикува сите страни да се придржуваат на договорот за прекинот на огнот. Мисијата нагласува дека нема да биде возможно да се спроведе реформскиот процес, доколку продолжува насилството, а граѓаните на Триполи, кои доаѓаат од цела Либија, плаќаат висока цена“, се вели во објавата на Мисијата на ОН во Либија на социјалната мрежа Твитер.
Од Мисијата на 4 септември објавија дека е постигнат прекин на огнот за да се стави крај на жестоките судири во Триполи, откако смртната стапка остро се зголеми.
Страните се согласија да ги прекинат сите непријателства, да спречат какво било понатамошно непријателско дејствување кое ќе го оневозможи спроведувањето на прекинот на огнот, да се обезбеди дека цивилите не се изложени на ризик и да се почитуваат човековите права, како што е пропишано со националните и меѓународните закони, и да се заштити сиот приватен и јавен имот.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога беше соборен од власт и убиен дотогашниот лидер Муамер Гадафи. Оттогаш со земјата управуваат паралелни влади со седиште во Триполи и Тобрук, кои имаат одделни парламенти и оружени сили.