Satuk Buğra Kutlugün
05 Септември 2018•Ажурирај: 06 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Со посредство на Обединетите нации (ОН) спротивставените оружени формации постигнаа договор за примирје во главниот либиски град Триполи, по повеќедневните судири, пренесува Anadolu Agency (AA).
Мировната мисија на ОН за Либија им честиташе на ривалските групи кои прифатија да стават крај на судирите и решението на кризата да го бараат преку дијалог.
„Доколку се согласат страните, идниот дијалог ќе биде воден под закрила на ОН и ќе биде посветен на воспоставување безбедност во Триполи“, се наведува во соопштението од Мисијата.
Страните се сложиле на завршување на непријателствата, сопирање на судирите и почитување на националните и меѓународните законски норми за заштита на луѓето и имотот.
Триполи од 27 август е средиште на оружени судири помеѓу ривалските бригади. Во судирите загинаа над 50 лица, а Владата на национално единство во неделата прогласи и вонредна состојба во главниот град.
Либија е средиште на длабока политичка и безбедносна криза уште од 2011 година, кога беше убиен Муамер Гадафи. Оттогаш на власт се паралелни влади со седиште во Триполи и Тобрук, кои имаат одделни парламенти и оружени сили.
Кон крајот на 2015 година претставниците на паралелните либиски влади под закрила на ОН потпишаа договор за формирање Влада на национално единство.
Планот беше таа влада да ја преземе власта во земјата и во рок од 12 месеци да распише парламентарни избори. Поради продолжување на несогласувањата, тоа досега во целост не се имплементираше, па Либија и понатаму е далеку од безбедна и политички стабилна земја.