Ömer Tuğrul Çam
04 Февруари 2021•Ажурирај: 05 Февруари 2021
БРИСЕЛ (АА) - Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изјави дека одлуката за останување или повлекување на војската од Авганистан треба заедно да ја донесат членките на таа организација, јавува Агенција Анадолија (АА).
Првиот човек на НАТО, Столтенберг, денеска во Брисел се состана со белгискиот премиер Александер де Кро. На прашањето за новинарите за иднината на мисијата на НАТО во Авганистан, Столтенберг изјави дека тоа е тешка одлука која членките на организацијата треба да ја донесат заедно.
„Тоа ќе биде тешка одлука и ќе има последици и предизвици без оглед на тоа како ќе гласи таа“, изјави Столтенберг.
Тој тврди дека повлекувањето од Авганистан би можело да ги загрози мировните процеси во таа земја, како и сите постигнувања кои се остварени во борбата против тероризмот. Столтенберг додаде дека Авганистан во случај на таква одлука може повторно да стане безбедно пристаниште за терористите.
Челникот на НАТО исто така тврди дека одлуката за останување во Авганистан би можела да ги интензивира нападите врз војниците на НАТО.
„Мојата порака до НАТО-сојузниците е одлуката да биде наша заедничка, како и да гласи. Заедно отидовме во Авганистан, заедно дејствуваме и во адекватно време ќе треба заедно и да излеземе“, нагласи Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО го повика талибанското движење во Авганистан да ја исполни преземената обврска за прекин на врските со сите терористички групи и да го намали насилството.
Иднината на мисијата на НАТО во Авганистан ќе биде една од темите на овомесечниот состанок на министрите за одбрана на членките на Алијансата.