Fatih Erel,Bayram Altuğ
16 Декември 2016•Ажурирај: 17 Декември 2016
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека е спречена акцијата за евакуација на населението од Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
Елизабет Хоф, претставничка на СЗО за Сирија, ја потврди оваа информација на прес-конференцијата во Канцеларијата на ОН во Женева, истакнувајќи дека силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад ја спречиле евакуацијата без да ја наведат причина за таквата постапка.
Таа нагласи дека режимските сили барале Алепо да го напуштат и оние што работат за некоја хуманитарна организација, како Светската здравствена организација, Меѓународниот црвен крст и други.
Хоф изјави дека немаат информација за тоа колку лица моментално се наоѓаат во источниот дел на Алепо.
„Евакуацијата е спречена. Не ја знаеме причината за тоа. Нам никој не ни ја соопшти причината зошто дошло до тоа. Има уште луѓе што чекаат евакуација“, изјави претставничката на СЗО за Сирија.
Зборуваше и Тарик Јашаревиќ, портпарол на Светската здравствена организација, кој потврди дека денес од источен Алепо и Идлиб, кој е под контрола на сириската опозиција, евакуирани се 194 лица. Се работи за болни и ранети.
Според неговите зборови, тешко болните и ранетите се префрлуваат во Турција, а пак останатите остануваат на лекување во сирискиот град Идлиб.
Портпаролот на Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарната помош (OCHA), Јенс Лерке, изјави дека преку медиумите дознал оти се заробени 800 цивили што биле во конвојот за евакуација.
Тој порача дека ја следат ситуацијата.