Gülbin Yıldırım
16 Декември 2016•Ажурирај: 18 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Судејќи според избраните кандидати за најважни државни функции, американскиот бизнисмен, Доналд Трамп, кој победи на 45. претседателски избори во САД, ќе ја формира најбогата влада во историјата на човештвото, јавува Anadolu Agency (AA).
За околу еден месец, Трамп ќе го преземе местото претседател на САД од актуелниот претседател Барак Обама, а имињата што ќе ја формираат неговата влада се веќе познати. Поголемиот дел од луѓето што Трамп ги одбра за челни позиции во владата се луѓе од деловниот свет, и тоа ќе биде најскапата влада не само во САД, туку и во историјата на човештвото. Според информациите до кои дојде новинар на АА, вкупното богатство на лицата што ќе ја формираат новата Влада на САД изнесува околу 15,2 милијарди долари, односно околу 20 милијарди долари, ако се земе предвид и имотот на Доналд Трамп, вреден 4,5 милијарди долари.
Според податоците на списанието „Форбс“, најбогатиот функционер во владата на Трамп ќе биде заменик-министерот за трговија, Тод Рикетс, еден од сопствениците на безјбол-клубот „Чикаго кабс“.

На второ место во богатата влада е кандидатката за Министерството за образование, Бетси Девос. Имотот на Девос и нејзиниот сопруг се проценува на 5,1 милијарда долари.
Вилбур Рос е третиот најбогатат функционер, кандидат за министер за трговија во идната влада на Доналд Трамп. По 25 години кариера во познатата компанија „Ротшилд“, Рос основа сопствена компанија, а неговото богатство се проценува на 2,9 милијарди долари.
Последниот милијардер на листата на Трамп е Линда Мекмахон, која ќе биде челник на Администрацијата за мали претпријатија. Мекмахон едно време беше директорка на „Ворлд врестлинг ентертаинмент“, најголемата организација за професионално борење во светот. Богатството на нејзиното семејство се проценува на 1,16 милијарди долари.
Генералниот директор на компанијата „Ексон мобил“, Рек Тилерсон, е шестиот најбогат човек на Трамп, со богатство од 300 милијарди долари. Тој е кандидат за местото шеф на дипломатијата на оваа земја. Тилерсон во последните 40 години е активен и во енергетскиот сектор, а беше цел на критики во својата земја поради блискоста со рускиот претседател, Владимир Путин.
Ова се останатите имиња и богатството на американските претприемачи, кои се кандидати за важни функции во новиот состав на американската Влада:
Директор на Националниот економски совет, Гери Кон (266 милиони долари), министер за финансии Стив Мнучин (46 милиони долари), министер за труд, Ендру Пуздер (43 милиони долари), министер за урбанизам Бен Карсон (26 милиони долари), министер за транспорт, Елеин Чао (22, 8 милиони долари), министер за здравство, Том Прајс (13,6 милиони долари), советник за стратешки прашања, Стив Банон (10 милиони долари), министер за правда Џеф Сешнс (7,5 милиони долари) и министер за енергија Рик Пери (3 милиони долари).