Diyar Güldoğan
16 Декември 2016•Ажурирај: 17 Декември 2016
МОСКВА (АА) - Кремлин денес ги отфрли обвинувањата дека Русија учествувала во кибер нападите на САД за време на претседателските избори минатиот месец, јавува Anadolu Agency (AA).
„Она што е важно тука е или да се запре зборувањето во врска со тоа, или да се обезбедат докази. Во спротивно, тоа изгледа непристојно”, објави руската новинска агенција „Тас“, која го цитираше портпаролот на владата Дмитриј Песков.
Од страна на Белата куќа вчера беше посочено дека рускиот претседател Владимир Путин бил виновен за кибер нападите, со цел да ги наруши изборите во САД.
„Само руските високи официјални лица би можеле да ги авторизираат овие активности“, изјави портпаролот Џош Ернест пред новинарите, повикувајќи се на процената направена од страна на разузнавачките агенции на САД.
Вчера претседателот Барак Обама за националното јавно радио изјави дека ќе преземе акција против Русија.
„Г. Путин е свесен за моите чувства во врска со тоа, затоа што на таа тема зборував со него директно“, рече Обама.
Во октомври, американските разузнавачки агенции јавно ја обвинија Русија дека се обидува да ги наруши изборите преку наводни напади на Националниот комитет на демократите и на приватниот мејл на Џон Подеста, поранешен претседател на кампањата на Хилари Клинтон.
Мејлот откри дека лидерите на Демократската партија ја поддржувале Клинтон во врска со нејзиниот прв ривал, сенаторот на Вермонт, Берни Сандерс.