Bayram Altuğ
12 Ноември 2021•Ажурирај: 14 Ноември 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека до крајот на 2021 година се очекува во Авганистан околу 3,2 милиони деца под петгодишна возраст да се соочат со акутна неухранетост, јавува Агенција Анадолија (АА).
Портпаролката на СЗО, Маргарет Харис, која од главниот град Кабул, преку видеоконференција учествуваше на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на Обединетите нации (ОН) во Женева, истакна дека се загрижени за нарушувањето на здравствениот систем поради неможноста да се исплатат платите на здравствените работници од месец март.
Наведувајќи дека СЗО продолжува да обезбедува помош за спасување животи и континуитет на примарната здравствена заштита за време на кризата во Авганистан, Харис додаде: „Сепак, оваа работа не може да се продолжи без поддршка од меѓународната заедница и донаторите.“
Харис подвлече дека неухранетоста продолжува да биде здравствен проблем низ Авганистан кој се зголемува, при што рече дека се очекува околу 3,2 милиони деца на возраст под 5 години да страдаат од акутна неухранетост до крајот на годината.
„Доколку нема итен третман, најмалку 1 милион од овие деца се изложени на ризик да починат од тешка акутна неухранетост“, нагласи Харис.
Меѓународната заедница, на чело со ОН, привлекува внимание на проблемите во снабдувањето со храна во Авганистан.
Според податоците на ОН, се проценува дека 22,8 милиони луѓе во Авганистан, што е повеќе од половина од населението, ќе се соочат со сериозен недостиг на храна во текот на зимските месеци.