İdiris Okuduci
12 Ноември 2021•Ажурирај: 13 Ноември 2021
БЕЈРУТ (АА) - ИДРИС ОКУДУЏУ
Либанскиот свештеник Мансур Лабаки, кој беше осуден на 15 години затвор за сексуално злоставување на 3 девојки во Франција, се проценува дека сексуално злоставувал 50 луѓе во Франција, а двојно повеќе во Либан, пишува Агенција Анадолија (АА).
Судот во Кан, Франција, на 81-годишниот свештеник Мансур Лабаки, кому му се судеше во отсуство на рочиштето одржано на 10 ноември, му одреди казна затвор од 15 години затвор за сексуално злоставување на 3 девојчиња од домот за деца без родители што го отворил и со кој управувал во местото Дувр-ла-Деливран во близина на градот Кан помеѓу 1991 и 1998 година.
Лабаки од датумот на поднесување на случајот пред суд никогаш не го напушти Либан и ниту еднаш не присуствуваше на рочиштата. Лабаки, кој нема право на жалба на одлуката, ќе биде уапсен доколку влезе во Франција.
Од друга страна, се вели дека либанската Влада одбрала да молчи поради верската и политичката припадност на Лабаки и се воздржувала да даде изјава на темата.
- „Доколку Либан не помогне, Франција не ќе може да направи ништо“ -
Дописникот на АА телефонски разговараше со Соланж Доминик, адвокатка на жртвите од 2013 година и е една од главните адвокати на случајот.
Доминик, наведувајќи дека сѐ додека либанската Влада не го предаде свештеникот Лабаки, Франција нема шанси да го затвори свештеникот, рече: „Се плашам дека доколку Либан не помогне, Франција не може да направи многу. Франција не може да го принуди да го напушти Либан.“
Потсетувајќи дека свештеникот Лабаки не е дојден во Франција и на ниту еден начин не се појавил пред судот откако е поднесена тужбата против него во Судот во Кан, Доминик нагласи: „Тој никогаш не дојде бидејќи знаеше дека ќе биде уапсен ако дојде.“
Адвокатката Доминик, подвлекувајќи дека за време на истрагите кои започнаа во 2013 година и траеја цели осум години наишле на многу ситуации кои ги шокирале, рече дека причината за овој шок е тоа што бројот на лица кои биле злоставувани или силувани од Лабаки е поголем од три.
„Како дел од истрагата [во Франција] избројавме дека 50 луѓе биле подложени на сексуално злоставување или силување. Можеме лесно да замислиме дека оваа бројка е двојно поголема во Либан“, нагласи адвокатката.
- По свештеникот Лабаки е распишана меѓународна потерница во 2016 година -
Свештеникот Лабаки во својата претходна изјава за случајот, отфрлајќи ги сите обвинувања, рече дека станува збор за завера против него.
Интерпол во 2016 година за Лабаки распиша меѓународна потерница. Меѓутоа, против Лабаки, кој живее во Либан, администрацијата на Бејрут не презеде никаква акција за негово предавање на француските власти.
Маронитскиот патријарх Бешара ер-Раи, најголемиот христијански верски авторитет во Либан, даде изјава со поддршка на Лабаки во 2016 година, но подоцна ја повлече својата поддршка.
Една од жртвите на 13-годишна возраст, која истакна дека е сексуално злоставувана од Лабаки, во април 2013 година поднесе кривична пријава до Обвинителството во Кан.