Furkan Güldemir
01 Јуни 2017•Ажурирај: 02 Јуни 2017
БЕЈРУТ (АА) - Филмот „Wonder Womаn“ е забранет во Либан поради тоа што главната улога во филмот ја игра израелска актерка, јавува Anadolu Agency (AA).
Според изјавата на Министерството за внатрешни работи на Либан за АА, врз основа на препорака на Министерството за економија и трговија, министерот за внатрешни работи, Нихад Мешнук потпишал одлука со којашто во сите кина во Либан се забранува прикажувањето на филмот „Wonder Womаn“, во којшто во главната улога настапува Израелка, поранешен војник, актерката Гал Гадот.
Гала вечерта на филмот, која требаше да се одржи вчера во Либан, беше откажана.
Министерството за економија и трговија вчера соопшти дека ќе се преземат потребните мерки за да се забрани прикажувањето на филмот „Wonder Womаn“.
- На социјалните мрежи е организирана кампања
Либанците кои сакаат да се забрани филмот, преку кампања што ја започнаа на социјалните мрежи ја претставуваат Гадот како „ционистка која ѝ дава поддршка на израелската војска“, и апелираа да се бојкотира филмот.
Тие кои се против овој филм, во кој се појавуваат сцени во коишто Гадот го оцрнува Хамас во текот на нападот извршен во 2014 година врз Газа од страна на Израел, а го фали Израел, се задоволни од оваа забрана.
Либан сѐ уште официјално е во војна со Израел. Еден закон во Уставот на Либан вклучува бојкот на израелските стоки, забрана за посета на Израел од страна на државјаните на Либан, како и забрана за сретнување со Израелец.
- Студената војна меѓу Израел и Либан
Беспилотните летала, воените авиони, како и воените бродови на Израел во последните месеци честопати го прекршуваат граничниот простор на Либан. Либанските функционери постојано поднесуваат жалба до Обединетите нации поради овие прекршувања.
Премиерот на Либан, Саат Харири во својата изјава по активирањето на новиот воздухопловен одбранбен систем во април, од страна на Израел, истакна дека се покажала намерата на Израел за војна со Либан.
Од 2009 година до денес, притворени се над 100 лица во Либан, под обвинението дека се израелски шпиуни. Израел обично не сака да дава изјави во врска со овие тврдења.