Evren Aydemir
01 Јуни 2017•Ажурирај: 01 Јуни 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка Ангела Меркел и кинескиот премиер Ли Кеџанг се согласни во врска со сигурноста на партнерството меѓу двете земји и најавија понатамошна соработка на развојот на билатералните односи, но и во процесот на воведување трговска либерализација меѓу Европа и Кина, јавува Anadolu Agency (AA).
Канцеларката Меркел го прими кинескиот колега Ли во Берлин, кој допатува во дводневна официјална посета на Германија. Премиерите на Германија и на Кина уште од 2004 година одржуваат редовни годишни состаноци.
По состанокот, челниците на двете влади одржаа и заедничка прес-конференција, на којашто кинескиот премиер Ли повика на заедништво во промоцијата на воведување на слободна трговија и интензивирање на заемните и заедничките инвестиции меѓу Кина и Европа.
„Се надевам дека Кина и Германија со силна билатерала, заедно ќе работат на надминување на глобалните предизвици, и така ќе станат позитивен сигнал за стабилност, соработка и за развој во светот“, порача премиерот Ли.
Ли исто така изјави дека е важно да се почитува меѓународниот договор за борба против климатските промени.
„За Кина е важна борбата против климатските промени и остануваме доследни на Парискиот договор. Кина е одговорна по тоа прашање и во тоа не е сама. Голема земја сме и ги извршуваме своите обврски. Со посредство на ОН ќе се обидеме да поминеме еден голем испит“, изјави Ли.
Изразувајќи загриженост поради настаните во соседната Северна Кореја, кинескиот премиер Ли изјави дека испраќањето воени сили во регионот од страна на Америка не придонесува за решавање на кризата.
И канцеларката Меркел изјави дека официјален Берлин ќе ја продолжи соработката со стратешкиот партнер Пекинг, на интензивирање на соработката во сите области, вклучувајќи ги земјоделството, културата, автоиндустријата и заедничките инвестиции.
Меркел се осврна на сѐ почестите провокации и тестирања на балистички ракети во Северна Кореја, и рече дека тие се закана за глобалниот мир и оти сака да ги задржи санкциите кон Пјонгјанг со надеж дека проблемот ќе биде решен по мирен пат.
Таа истакна дека Германија и Кина се согласуваат околу неопходноста на продолжувањето и интензивирањето на борбата против глобалниот тероризам, и изрази задоволство од пораката што ја упати Кина, дека ќе биде посветена на имплементацијата на Парискиот договор за борба против климатските промени.
Во продолжение на европската турнеја, шефот на кинеската влада, Ли, ќе отпатува во Брисел и ќе се состане со челниците на Белгија, а ќе присуствува и на 19. Самит на лидерите на Кина и ЕУ.