Ekipa
18 Октомври 2017•Ажурирај: 19 Октомври 2017
МОГАДИШУ (АА) - Репортерската екипа на АА го посети сомалискиот главен град Могадишу и во тамошната болница разговараше со преживеаните од саботниот терористички напад во којшто животот го загубија најмалку 300 лица, а стотици лица се ранети, јавува Anadolu Agency (AA).
Тоа беше еден од најкрвавите терористички напади извршен во центарот на градот, со помош на камион натоварен со експлозив. Се стравува дека билансот на смртно настраданите би можел да расте, со оглед на тоа што лекарите во болниците се борат за животот на многумина тешко ранети.
Поголемиот дел од настраданите се донесени во болницата „Реџеп Таип Ердоган“, која Турција претходно ја изгради во Могадишу, а локалниот медицински персонал за АА изјави дека десетици тела на настраданите во потполност изгореле во експлозијата.
Ранетиот Иса Али е хоспитализиран со изгореници од највисок степен. Тој изјави дека се сеќава само на силната експлозија во којашто настрадал, а во која животот го загубија многумина купувачи што во тој момент биле во неговата продавница, недалеку од местото на експлозијата.
Аадан Али Баре во експлозијата остана без нога, а за неговиот живот лекарите се борат на одделот за интензивна нега. Неговото семејство на новинарот на АА му кажа дека работел како волонтер на Црвениот крст и оти требал да се најде со пријател во центарот на градот, каде што се случи експлозијата.
Во соседниот кревет, замотан во завои лежи и Абдулахи Моалим Фарах, кој изјави дека во нападот изгубил неколкумина пријатели и оти никогаш не помислил дека би можел да сведочи на толку страотни сцени.
Саид Абдулкадир, директор на амбулантниот центар Аамин, изјави дека стотици лица настрадале во еден миг и оти десетиците амбулатни возила со коишто располага не биле во можност да ги пренесат сите настрадани до болницата.
„Сторивме колку што можевме, па дури и над нашите можности. Тела имаше насекаде околу нас, липањето и лелекот на ранетите се слушаше од сите страни. Болниците се наполни, а на голем број ранети помош им беше укажана во ходниците“, изјави Абдулкадир.
Директорот на болницата, Хусеин Мухамед, за АА изјави дека во саботата, по нападот, во болницата биле примени 207 ранети.
Тој додаде дека единаесетмина ранети починале на пат до болницата, а десетмина тешко ранети се пренесени на лекување во Турција, со амбулантен авион.
Турскиот министер за здравство, Ахмет Демирџан, пристигна во Могадишу ден по нападот и со амбулантен авион пренесе 33 лекари и медицинска опрема потребна за болниците во тој град, а во Турција со авион се пренесени вкупно 35 ранети, меѓу кои и три деца.