МОГАДИШУ (АА) - Речиси 80 лица, меѓу кои и двајца турски државјани, загинаа, а повеќемина се повредени во самоубиствениот напад со камион бомба врз безбедносен контролен пункт во сомалискиот главен град Могадишу, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Двајцата турски државјани кои загинаа во нападот работеа за турски изведувач што работи во земјата“, соопшти Галип Јилмаз, локален координатор на Турската агенција за соработка и координација (ТИКА), државната агенција за развој.
Турција има силни односи со Сомалија, а од 2011 година ТИКА учествува во над 150 проекти во таа африканска земја.
Турскиот министер за здравство, Фахретин Коџа, рече дека Турција ќе испрати тим од 20 медицински лица во Могадишу.
Во врска со нападот, турскиот потпретседател Фуат Октај рече дека Турција секогаш ќе биде покрај својот пријател Сомалија, во борбата против тероризмот.
Претседателот на турскиот Парламент, Мустафа Шентоп, го нарече нападот како итно предупредување за опасноста од тероризмот.
Осудувајќи го нападот, турскиот министер за надворешни работи, Мевлуд Чавушоглу, изрази сочувство до семејствата на двајцата загинати турски државјани и до невините сомалиски браќа кои ги изгубија животите во нападот.
„Ние секогаш ќе ја поддржуваме Сомалија. Нашата одлучна борба против тероризмот ќе продолжи“, порача Чавушоглу.
Нападот се случи на крстосница во југозападното предградие на главниот град за време на саботниот утрински метеж.
Портпаролот на сомалиската Влада, Исмаил Мухтар Оранго, за АА изјави дека меѓу загинатите има и ученици и студенти кои оделе кон училиштата и факултетите.
Тој додаде дека бројот на загинати се очекува да порасне бидејќи жртвите кои им подлегнале на повредите во болница сè уште не се целосно изброени.
На објектите во близина на нападот причинета е значителна материјална штета.
Жителот на Могадишу, Махмуд Али (30), за АА изјави дека нападот бил еден од најсмртоносните што ги видел досега.
Полицискиот капетан Хусеин Ибрахим за АА потврди дека е започната истрага за нападот.
Досега ниту една група нема преземено одговорност за нападот.
На 14 октомври 2017 година, во нападот со камион бомба во Могадишу, кој го изведе терористичката организација Ал Шабаб, загинаа најмналку 500 лица, главно цивили.