Fatih Hafız Mehmet
28 Декември 2019•Ажурирај: 30 Декември 2019
АНКАРА (АА) - Подемот на крајната десница имаше силно влијание врз европската политика во 2019 година, особено во изборите за Европскиот парламент, но и на локалните и општите избори, пишува Агенција Анадолија (АА).
Најистакнатиот успех на партиите од крајната десница беше нивната доминација на изборите за Европскиот парламент во мај, во три од четирите најголеми земји од Европската Унија (ЕУ) според популацијата: Франција, Велика Британија и Италија.
Во Франција, екстремно десничарската партија на Марин Ле Пен тесно ја победи коалицијата на претседателот Емануел Макрон, освојувајќи 23 отсто од гласовите.
Во Велика Британија, која треба да ја напушти ЕУ, партијата Брегзит на политичарот Најџел Фараж победи со 30 отсто.
Во Италија, екстремно десничарската популистичка партија Лига на вицепремиерот Матео Салвини оствари убедлива победа, добивајќи 34 отсто од гласовите, далеку пред второпласираната, левичарската Демократска партија, која освои 22 отсто.
Ваквиот изборен резултат на овие евроскептични партии отворија сериозни прашања во врска со иднината на ЕУ.
Подемот на крајната десница беше евидентен и на други избори кои се одржаа оваа година.
Шпанија одржа два општи избори - едни во април и втори во ноември. Екстремно десничарската партија Вокс обезбеди 24 места во 350-члениот Парламент на првите избори, и 52 места по вторите избори, станувајќи трета најголема партија во земјата.
Во меѓувреме, во Германија, изборите што се одржаа во октомври во источноцентралната покраина Тирингија го одразија растот на гласањето за крајната десница во најнаселената држава во ЕУ.
Иако победи Левичарската партија, партијата на екстремната десница Алтернатива за Германија (AfD) се најде на второ место, освојувајќи двојно повеќе гласови во однос на претходните избори.
Од друга страна, централнодесничарскиот Демохристијански сојуз на канцеларката Ангела Меркел претрпе голем пораз, успевајќи да освои само 21,8 отсто, 12 процентни поени помалку од претходните избори.
Во Италија, освен победата на изборите за ЕП, крајнодесничарскиот политичар Салвини, забележа и историска победа на изборите во октомври во Умбрија, регион во кој половина век на чело беше левицата.
Коалицијата предводена од Салвини доби 57 отсто од гласовите, додека централнолевичарската коалиција освои 37 отсто од гласовите.
Салвини исто така води и во анкетите на јавното мислење за следните општи избори во Италија.