16 Јануари 2017•Ажурирај: 16 Јануари 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп изјави дека со својот план за измена и дополнување на Законот за здравствено осигурување ќе бидат осигурани сите граѓани на САД, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ќе имамe здравствено осигурување за сите. Постоеја некои филозофии во одредени кругови дека ако не можете да платите осигурување, нема ни да го добиете. Тоа со нас нема да се случи“, вели Доналд Трамп во изјавата за „Вашингтон пост“, но одби да ги открие деталите.
Укинувањето на постоечкиот Закон за здравствена заштита, познат како „Обамакеар“, е најважниот приоритет на новоизбраниот претседател на САД. Републиканците, кои сега ги контролираат двата дома на Конгресот, најавија укинување на Законот за здравствено осигурување што е моментно на сила, за кој Трамп вели дека не функционира, и не е ниту достапен.
Целосното укинување, без директна замена ќе остави милиони Американци без здравствено осигурување. Белата куќа тврди дека со Законот за здравствено осигурување на Обама, здравствено осигурување добиле 20 милиони Американци кои претходно немале осигурување.
Трамп изјави дека очекува Конгресот да разговара по ова прашање во текот на следните недели.