Fatih Erel
16 Јануари 2017•Ажурирај: 16 Јануари 2017
ДАВОС (АА) - Светскиот економски форум (WEF) во Давос започнува утре, со присуство на повеќе од 3.000 политичари и бизнисмени од повеќе од 100 земји, јавува Anadolu Agency (AA).
Самитот ќе се одржува во швајцарскиот град Давос, од 17 до 20 јануари. На самитот посветен на темата одговорно лидерство ќе бидат организирани повеќе од 400 сесии.
На Светскиот економски форум ќе се разговара за многу актуелни прашања, меѓу кои се судирите во светот, првенствено во Сирија. Фокусот на овогодишниот самит ќе биде на јакнењето на деловната соработка, оживување на економскиот раст, економските реформи и друго.
Се очекува да присуствуваат 30 претседатели и премиери. Си Ѓинпинг ќе биде првиот кинески претседател кој ќе учествува на самитот. Покрај кинескиот претседател ќе присуствува и премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, потпретседателот на САД, Џо Бајден, претседателот на Азербејџан, Илхам Алијев, претседателот на Украина, Петро Порошенко, и заменичката на рускиот премиер, Олга Голодетс.
Освен тоа, планирани се и многу билатерални состаноци на лидерите што ќе присуствуваат на самитот.
На Светскиот економски форум ќе присуствува и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, генералниот директор на Светската трговска организација, Роберто Гранди, претседателката на ИМФ, Кристин Лагард, претседателот на Меѓународната агенција за енергија (IEA) фатих Бирол, високиот комесар на ОН за бегалци Филипо Гранди, генералниот директор на Меѓународната организација за миграции (IOM) Вилијам Лејси Свинг и многумина други.
Си Ѓинпинг ќе зборува за глобализацијата, антидампингот и за кинеската економија.
Кинескиот претседател во рамките на ова патување во Швајцарија ќе ја посети и Светската здравствена организација (СЗО), ОН и Меѓународниот олимписки комитет.