Furkan Abdula
21 Јануари 2020•Ажурирај: 22 Јануари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Никола Димитров, учествуваше на панелот на тема „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, организиран во рамки на 50. Светски економски форум во швајцарскиот град Давос, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Министерството за надворешни работи, Димитров настапи на панелот наречен „Стратегиски дијалог за земјите на Западен Балкан“, како една од главните иницијативи на агендата на овогодишниот форум.
Со панелот модерираше Борге Бренде, претседател на Светскиот економски форум, а копретседавач беше министерот за надворешни работи на Словачка, Мирослав Лајчак, додека меѓу учесниците, а во својство на специјални гости поканети беа Бојко Борисов, премиер на Бугарија; Сума Чакрабати, претседател на Европската банка за реконструкција и развој; Кристалина Георгиева, управен директор на ММФ; Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска; Марјан Шарец, премиер на Словенија; Александар Вучиќ, претседател на Србија; Хашим Тачи, претседател на Косово; Ан Линде, министерка за надворешни работи на Шведска; Мевлут Чавушоглу, министер за надворешни работи на Турција, како и голем број извршни директори на познати светски и водечки компании.
Во соопштението се нагласува дека панелот за Западен Балкан се одвивал во два дела - едниот посветен на последните политички случувања во земјите од Западен Балкан и очекувањата за 2020 година, и вториот дел со фокус на поттикнување на економскиот раст во земјите од регионот.
Во овие рамки се истакнува дека Димитров аргументирал дека крајно време е Северна Македонија да направи чекор напред на својот европски пат: отворање на заслужените пристапни преговори со ЕУ.
„Донесувањето на долгоочекуваната одлука за време на хрватското претседавање пред Самитот во Загреб е во интерес не само за земјата и регионот, туку и за самата ЕУ и за кредибилитетот на европската перспектива“, рече Димитров, се наведува во соопштението.
Димитров истакна дека во меѓувреме е добредојдена секоја идеја која ќе придонесе за побрз почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и која ќе ги направи преговорите поефикасни, построги и пофер, посуштински и покредибилни.
Од друга страна, во рамки на Форумот, Димитров оствари кратки средби со премиерите на Бугарија и Хрватска.
Во соопштението се вели дека на средбата со бугарскиот премиер Бојко Борисов се разговарало за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, во контекст на градењето пријателство врз основа на заемно разбирање и почит кон грижите на соседот, а Борисов уште еднаш ја потврдил поддршката на Бугарија за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Во разговорот со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, Димитров упатил благодарност до Хрватска за активната поддршка за евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, во својство на земја претседавач со Советот на ЕУ, држејќи го прашањето за Северна Македонија високо на агендата на ЕУ.