политика

Пендаровски се состана со израелскиот претседател Реувен Ривлин

Двајцата претседатели размениле информации и мислења за состојбите на Балканот и за регионот на Блискиот Исток, а на средбата било изразено задоволството од одличната соработка на билатерален и мултилатерален план меѓу Северна Македонија и Израел.

Furkan Abdula  | 22.01.2020 - Обновена : 23.01.2020
Пендаровски се состана со израелскиот претседател Реувен Ривлин Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска во Ерусалим оствари билатерална средба со претседателот на Израел, Реувен Ривлин, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението од Претседателскиот кабинет, Пендаровски заблагодарувајќи се за поканата за учеството на лидерскиот форум истакнал дека Северна Македонија покрај укажаната чест има и обврска на највисоко ниво да биде присутна во Израел, на Форумот по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот, 27 Јануари, и 75-годишнината од ослободувањето од нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау.

„Пендаровски нагласи дека двете држави ја споделуваат трагедијата на Холокаустот во кој беа убиени илјадници Евреи од нашата држава, што претставува ненадоместлива загуба за нас. Претседателот ја подвлече улогата на еврејската заедница во Република Северна Македонија и изрази уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на добрите односи меѓу двете земји“, се вели во соопштението.

Претседателот на Северна Македонија информираше дека од декември 2019 година Северна Македонија е асоцијативна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот и ќе се заложи да стане полноправна членка во 2021 година.

„Претседателот Пендаровски се заблагодари за поддршката што државата Израел ѝ ја дава на Република Северна Македонија во изминатиот период, од стекнувањето на нашата независност, додавајќи дека постојат можности за интензивирање на економската соработка“, се додава во соопштението.

Двајцата претседатели размениле информации и мислења за состојбите на Балканот и за регионот на Блискиот Исток, а на средбата било изразено задоволството од одличната соработка на билатерален и мултилатерален план меѓу Северна Македонија и Израел.

Во соопштението се истакнува дека Пендаровски денеска и утре – 22 и 23 јануари 2020 година, во Ерусалим ќе учествува на лидерскиот форум по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот, 27 Јануари, и 75-годишнината од ослободувањето од нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.