Fuat Kabakçı
16 Јануари 2017•Ажурирај: 17 Јануари 2017
ПЕКИНГ (АА) - Пекинг оваа година ќе потроши 18,2 милијарди јени (2,6 милијарди долари) за борба против загадувањето на воздухот, јавува Anadolu Agency (AA).
Мерките ќе бидат построги за 2.750 фабрики, во 700 места ќе биде поттикнато користењето обновливи извори на енергија наместо јаглен, а околу 300.000 возила што произведуваат високи емисии на штетни гасови ќе бидат отстранети од патиштата.
За сите овие мерки, градот одвои буџет од 2,6 милијарди долари.
Пекинг минатата година забрани 11 енергетски проекти во вредност од 14 милијарди долари, поради сомневање дека ќе се зголеми загадувањето.
Агенцијата за заштита на животната средина соопшти дека е прогласен жолт аларм во главниот град, кој ќе трае до утре вечер.
Кинескиот Национален метеоролошки завод предупреди дека загадувањето исто така влијае на неколку провинции во централните и северните делови на земјата.
Минатата недела, како дел од борбата против загадувањето, градската управа донесе одлука за формирање на специјални единици во рамките на силите за безбедност. Овие единици треба да ги спречат луѓето да палат ѓубре на отворено.
Кина од 2014 година се бори со многу големо аерозагадување. Во најнаселената земја во светот, секоја година од болести предизвикани од загадувањето на воздухот умираат по 1,6 милиони луѓе.