Selçuk Acar
07 Декември 2016•Ажурирај: 07 Декември 2016
ЊУЈОРК (АА) - Демонстрантите протестираа во близина на седиштето на ОН против насилството врз Рохинџа муслиманите во Мјанмар, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставниците на Исламската заедница во САД и неколку здруженија, се собраа во паркот „Даг Хамаршелд“ и побараа од претставникот на ОН да го спречи насилството врз Рохинџа муслиманите во покраината Аракан, во Мјанмар.
Угнетувањето на Рохинџите во Мјанмар, а претходно во Бурма, трае со децении. Рохинџа муслиманите во Мјанмар се апатридно малцинство, без основни права.
Демонстрантите бараа итно да бидат преземени мерки за да се спречи насилството врз населението од заедницата Рохинџа, и апелираа дека ова население има право на спокоен живот.
Говорниците на протестот ги обвинија западните земји дека поради национални интереси му го свртеле грбот на Мјанмар и од Организацијата за исламска соработка (ОИС), Унијата на нации на југоисточна Азија (ASEAN) и исламските земји побараа да преземат поголема иницијатива за решавање на проблемите.
„Спречете го масакрот во Бурма, спречете го убивањето“ и „Сакаме правда“ беа само дел од слоганите на демонстрантите кои носеа транспаренти: „Крај на геноцидот врз муслиманите во Бурма“, „Сакаме безбедна територија за Рохинџите во Аракан“, и многу други.
Претседателот на Светската организација на Рохинџите (WRO), Мохудин Мохамад Јусуф, истакна дека се собрале за да го осудат убивањето на муслиманите од страна на војската на Мјанмар.
Според неговите зборови, официјалните власти на Мјанмар се незаинтересирани за ова етничко чистење.