AP
07 Декември 2016•Ажурирај: 07 Декември 2016
МЕУРЕУДУ (АА) - Официјални лица соопштија дека откако спасувачките екипи од под урнатините извлекле уште десетици тела, бројот на загинатите во земјотресот што денес ја погоди Индонезија се зголеми на 97, пренесува Anadolu Agency (AA).
Десетици згради се срушија во земјотресот со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала, кој го погоди северниот дел на островот Суматра, со епицентар на длабочина од околу 10 километри. Командантот на војската во покраината Ацех, Татанг Салаиман, наведе дека досега се спасени четири лица од под урнатините.
Како што изјави тој, се верува дека под урнатините има уште четири или пет лица, но не се знае дали се живи или не.
„Се надеваме дека ќе можеме да ја завршиме евакуацијата од урнатините пред да зајде сонцето“, изјави Салаиман.
Според соопштението од Националната агенција за управување со катастрофи, најкритично е во провинцијата Ацех, каде што поради повреди биле хоспитализирани околу 500 лица.
Според податоците на индонезиските медиуми, станува збор за регион населен претежно со муслиманско население.
Првите снимки и фотографии од местото покажуваат дека земјотресот до темел урнал голем број куќи, згради, деловни објекти и џамии.
Тамошните власти сè уште немаат прецизни информации за тоа колку лица се затрупани под урнатините. Спасувачките екипи се на теренот, и се претпоставува дека бројот на жртвите ќе се зголеми.
Од друга страна, потврдено е дека земјотресот не предизвикал цунами.