Selen Temizer,Halit Süleyman,Levent Tok
07 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
АЛЕПО (АА) - Повици за хуманитарна помош упатуваат цивилите од Алепо кои се изложени на интензивните напади од страна на режимот на Башар ал Асад и иранската шиитска милиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Режимот и неговите поддржувачи, во периодот од 15 ноември досега ги интензивираа своите нападите врз источен Алепо, кој е под контрола на опозицијата.
Поради жестоките бомбардирања, опозицијата по полноќ била принудена да се повлече во населбите Баб Хабиб, Баб Насир и Џуб Куба, притоа отстапувајќи им простор од 2,5 квадратни километри на армијата на Асад и на шиитските милиции.
Опозицијата до 15 ноември контролираше простор од 45 квадратни километри, но во последните 23 дена загуби 65 отсто од територијата и се повлече на простор од 16 квадратни километри.
Директорот на цивилната заштита на Алепо, Неџип Енсари, за АА изјави дека десетици илјади цивили се иселиле од местата на судирите меѓу опозицијата и силите на режимот, додека 240.000 цивили сѐ уште се наоѓаат во населбите што се под контрола на опозицијата.
Еден од командантите на армијата на Умерената сириска опозиција, Мухамед Шех соопшти дека режимот ги мобилизира младите мажи на возраст од 18 до 40 години на воениот аеродром „Нејраб“ и потоа ги испраќа на линиите на фронтот. „Бидејќи режимот врши присилно мобилизирање на мажите од 18 до 40 години, цивилите избираат да останат во подрачјата што се под контрола на опозицијата“.
- „Оваа вечер, помолете се за Алепо“ -
Не работат телефонските линии во Алепо, а интернетот е многу слаб во подрачјето што е под опсада од страна на режимот. Во аудиоснимката на дописникот на АА, цивилите од Алепо упатуваат повик за помош и молитва.
Хасан Бозан од источен Алепо вели: „Се обраќам од источен Алепо како еден Туркменец. Опколени сме од сите четири страни од силите на режимот и Русија. Суровата влада сака да изврши масакр врз цел Алепо. Доколку падне Алепо, ќе биде скршен 'рбетот на заедницата. Вечерва помолете се за Алепо“.
Хатиџе, по потекло Туркменка, за настаните во Алепо рече: „Режимот ни ги бомбардира куќите. Не ни остана ништо. Мојот син е болен, но немам сила да го лекувам. Нека ме чуе целиот свет. Помолете се, помогнете ни“.
Мухамед Лијаб изјави дека немаат вода, струја и храна: „Имам две деца. Имаат потреба од храна и вода. Доколку се најде млеко, тоа е многу скапо. Нема лекарства и здравствена грижа за болните и ранетите. Луѓето умираат измачувајќи се. Еден мој роднина поради страв од бомбите преживеа мозочен удар. Сега не може да голта ништо. Петнаесет дена ништо не ни минува низ грлото“.
За работите што во моментов се одвиваат во населбата Келесе информираше Салих Омер:
„Ви се обраќам во периодот меѓу две бомбардирања. Силите на Асад ова место го бомбардираат и го гранатираат од сите позиции. Имаме голем број загинати. Сѐ уште има голем број цивили што треба да се извлечат од под урнатините. Улиците се полни со тела на загинати. Откако силите на режимот го зазедоа центарот за вода, ја прекинаа испораката на вода. Болниците и пекарниците и онака не работат. Сведоци сме на геноцид во источен Алепо“.
- Стоилјадна хуманитарна криза -
Градот Алепо се наоѓа во северниот дел на Сирија, близу границата со Турција, и е втор по големина град, по главниот град Дамаск. Центарот на Алепо е на 40 километри од границата со Турција. Армијата на режимот, која е поддржана од Русија и од иранската шиитска милиција, од 15 ноември досега врши интензивни напади од воздух и копно врз населбите во источниот дел на градот. Русија не учествува во воздушните напади врз Алепо. И покрај тоа, опозицијата при прислушување на каналите за комуникација, забележала дека Русите учестуваат во секоја фаза од копнените операции на режимот. Стотици илјади цивили од источен Алепо, кои се под опсада на режимот, веќе три месеци не можат да ги задоволат своите основни човечки потреби. Во последните три недели, сите болници, здравствени центри, пекарници и училишта во источниот дел на градот се затворени. Поради уривањето на поголем број базни станици и прекинот на телефонските линии од страна на режимот, комуникацијата со градот е ограничена и може да се воспостави само преку интернет-врска.