Cüneyt Karadağ
28 Февруари 2018•Ажурирај: 01 Март 2018
БЕРЛИН (АА) - Руски хакери успеаја да влезат во мрежата за податоци на две германски министерства, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според германската новинска агенција ДПА, повикувајќи се на извори блиски до разузнавачките служби, руската група „ATP28“, исто така познатa како „Fancy Bears“ и „Tsar Team“ во текот на еден подолг период го хакирала системот на германското Министерство за одбрана и Министерството за надворешни работи.
Се тврди дека хакирањето траело најмалку една година, при што хакерите успеале да стигнат до одредени податоци, без да се прецизира за каков вид на податоци станува збор и колку тие податоци се важни
Доколку оваа информација се потврди тоа ќе биде најголемиот хакерски напад со кој се соочила Германија досега.
Германските власти и минатата година стравуваа од хакерски напади кои би можеле да влијаат на парламентарните избори, што се случија на 24 септември.
Разузнавачките служби на Германија постојано ги обвинуваа руските тајни служби дека водат меѓународна кампања на информатички напади поради шпионажа и саботажа, особено во 2015 година против Бундестагот.
Неколку предизборни кампањи беа на удар на информатички напади кои им се припишуваа на групата „Fancy Bears“, вклучувајќи го и нападот на Демократската партија на Хилари Клинтон во ноември 2016 година.