Erbil Başay
21 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
БЕРЛИН (АА) - Фредерих Трамп, дедото на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, бил протеран од Германија во почетокот на 20. век, поради неотслужен воен рок и затајување данок, пренесува Anadolu Agency (AA).
Германскиот весник „Билд“ објави документ издаден на 27 февруари 1905 година, кој е официјална одлука на германската Влада за протерувањето на Фредерих Трамп. Документот беше пронајден во архивата на градот Шпајер, во Рајнската област-Пфалц.
Во документот се наведува дека американскиот државјанин Фредерих Трамп, кој престојува во Калштат, треба најдоцна до 1 мај да ја напушти Германија или ќе биде присилно депортиран од земјата.
Поранешниот директор на Институтот за историја, Роланд Паул, изјави дека Фредерих Трамп како млад човек во 1885 година ја напуштил Германија и отпатувал за САД, при што не го подмирил долгот кон државата, а воедно ја избегнал задолжителна воена служба во Германија.
Откако преку изградба на хотели и барови се збогатил во САД, Фредерих во 1901 година повторно ја посетил Германија и се сретнал со својата идна сопруга Елизабет. Една година подоцна, тој се оженил и повторно се преселил во САД.
Паул понатаму објаснува дека стариот Трамп бил убеден од страна на неговата сопруга и повторно се вратил во Германија, каде што побарал да му биде одобрен престојот и да му се издаде германско државјанство.
Фредерик му пишувал многу писма на принцот Луитполд од Баварија за да му го одобри престојот и државјанството во Германија, но сите негови барања биле одбиени.
Експертот Роланд Паул истакна дека Фредерих Трамп на 1 јули 1905 година, заедно со бремената сопруг со брод, од Хамбург отпатувал во САД. Три месеци подоцна, Елизабет го родила синот Фред во Њујорк, таткото на новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп.
Фредерих Трамп животот го продолжил во САД, а името го приспособил на американското говорно подрачје, по што веќе не бил Фредерих, туку Фредерик.